ТЕЛ АВИВ – Израел ќе им донира на палестинските власти околу милион дози вакцини Фајзер / Бионтек против корона вирусот, на кои наскоро ќе им истече рокот, додека Палестинците ќе мора да вратат реципрочен број дози на Израел кога ќе добијат пратка од програмата Ковакс , соопшти денеска кабинетот на израелскиот премиер Нафтали Бенет.
Израел, каде што се вакцинирани околу 85 проценти од возрасната популација, се соочува со критики дека не споделува вакцини со Палестинците на окупираните територии на Западниот брег и Појасот Газа.
Договорот со палестинските власти го објави новата израелска влада, која положи заклетва во неделата, со што заврши 12-годишното владеење на поранешниот премиер Бенјамин Нетанјаху.