Свет

Инцидент на состанокот на СЗО; Зошто Етиопија е замолчена?

Женева – Претседателот на Извршниот одбор на СЗО во понеделникот го прекина етиопскиот пратеник поради критиките врз генералниот директор на СЗО, Тедрос Адан Гебрејесус.

Претседавачот Патрик Амот, исто така, ја одложи одлуката за барањето на Етиопија да се преиспитаат постапките на генералниот директор на СЗО, пренесува Ројтерс.

Инцидентот се случи на еднонеделниот состанок на Извршниот одбор на СЗО на кој се разговараше за кандидатурата на актуелниот генерален директор Гебрејесус, од етиопскиот регион Тиграј, за втор мандат како шеф на здравствената агенција на ОН.

На почетокот на „хибридниот состанок“ во Женева, Амот рече дека ќе го „остави настрана“ барањето на Етиопија да го истражи Тедрос за наводна поддршка на бунтовничките сили кои се борат против етиопската влада.

Ниту еден од 34-те членови на одборот, во кој не е вклучена Етиопија, не се спротивстави.

Меѓутоа, етиопската амбасадорка во Обединетите нации во Женева, Зенебе Кебеде Корчо, подоцна се обиде да одржи виртуелен говор во кој го критикува Тедрос, но двапати беше спречена да го стори тоа и на крајот беше прекината по непријатна размена на мислења.

„Понатамошната дискусија за ова прашање не е релевантна и затоа не е во ред според релевантните деловнички правила“, рече Амот, кој е од Кенија и една од 28-те земји што го номинираа Тедрос за втор мандат за шеф на СЗО.

Пред да биде прекината нејзината интервенција, Зенебе го обвини Тедрос дека „ја користи својата функција за да ги унапреди своите лични политички интереси на сметка на интересите на Етиопија“.

На 14 јануари етиопското Министерство за надворешни работи го обвини Тедрос, кој беше министер за здравство и министер за надворешни работи на Етиопија, дека шири дезинформации за војната на северот на таа земја.

Министерството рече дека изјавите на Тедрос го компромитираат кредибилитетот и независноста на СЗО.

Related posts

Leave a Comment