Македонија

Каракамишева: Ја поднесов иницијативата за оценка на уставноста на Законот за употреба на јазиците пред Уставниот суд

Денес, на 19.12.2019 година ја поднесов Иницијативата за оценка на уставноста на Законот за употреба на јазиците пред Уставниот суд поддржана од 15 универзитетски професори од соодветните области на кои се однесува законот. Правото не смее да биде предмет на политички пазар и монета за поткусурување на власта. Да се почитува мислењето на Венецијанската комисија кое ги содржи меѓународните стандарди за употреба на малцинските јазици и критичките укажувања за содржината и за аномалиите во постапката за донесување на овој закон. Со задоволство ви ја доставувам иницијативата на увид, напиша Каракамишева на својот ФБ профил

 

.

ДО
УСТАВНИОТ СУД
Ул. „Кеј Димитар Влахов“ бр. 19 –
Скопје

И Н И Ц И Ј А Т И В А

од група професори за поведување постапка пред Уставниот суд за оценување на уставноста на Законот за употреба на јазиците („Службен весник на Република Македонија“ број 7/2019), согласно член 110, алинеја 1 од македонскиот Устав

I. Поаѓајќи од член 12 од Деловникот на Уставниот суд („Службен весник на РМ“, бр. 70/1992), а согласно член 112, став 1 од Уставот, како група професори поднесуваме Иницијатива за поведување постапка пред Уставниот суд за оценување на уставноста на Законот за употреба на јазиците („Службен весник на Република Македонија“, број 7/2019), при што од Уставниот суд бараме:

• согласно член 11, и член 71, алинеја 1, од Деловникот на Уставниот суд да донесе РЕШЕНИЕ ЗА ПОВЕДУВАЊЕ ПОСТАПКА за оценување на уставноста на Законот за употреба на јазиците („Сл. весник, бр. 7/2019),

• согласно Деловникот на Уставниот суд, а врз основа на начелата на приоритет и итност, во согласност со член 50, став 1 од Уставот, до донесувањето на конечната одлука, Уставниот суд да донесе Решение за ВРЕМЕНА МЕРКА со запирање од извршување на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорениот закон, поради ризик од штетните последици појавени како резултат на неговата примена по правата и слободите на граѓаните, и

• согласно член 70, алинеја 1, од Деловникот на Уставниот суд да донесе ОДЛУКА ЗА ПОНИШТУВАЊЕ на Законот за употреба јазиците („Сл. весник на РМ, бр. 7/2019) во целина.

II.

Причините за оспорување на Законот за употреба на јазиците („Сл. весник на РМ, бр. 7/2019) како и барањето за поништување на законот во целина се од формално-правен и материјално-правен карактер.

 Од формално-правен карактер, како причини што го нарушуваат принципот на уставност и принципот на законитост на постапката за донесување на законот и што доведуваат до ништовност на Законот за употреба на јазиците се следниве:

1. Законот за употреба на јазиците излегува надвор од чл. 7 (амандман V) од Уставот, односно законот нема уставна основа за започнување на постапка за неговото донесување.

2. Согласно чл. 141, став 2 од Деловникот на македонското Собрание, основна обврска на Законодавно-правната комисија во Собранието е да го разгледа предлогот на законот од гледна точка на потребата од донесување на законот и неговата усогласеност со Уставот.

Имајќи предвид дека содржината на законот е спротивна на чл. 7 (амандман V) од Уставот, Законодавно-правната комисија во Собранието била должна да го врати предлог-законот поради усогласување на неговата содржина со содржината на чл. 7 (амандман V) од Уставот, со цел законот да биде уставно втемелен, односно да има уставна основа.

3. Законот за употреба на јазиците е донесен со европско знаменце, иако не постои право на ЕУ за јазичните политики, со што е злоупотребено европското знаменце за партиско-политички интереси на власта.
Во член 135 од Деловникот на Собранието на РМ се бара, воведот на законот со европско знаменце, покрај вообичаените елементи, како што се, оцена на состојбите во областа што треба да се уреди и причините за неговото донесување, целите, начелата и основните решенија на предлогот на закон, оцена на финансиските последици врз буџетот и другите јавни финансиски средства, како и процена на финансиските средства потребни за спроведување на законот, да содржи и:

– преглед на регулативите од други правни системи и усогласеност на предлогот на закон со правото на Европската унија,
– преглед на законите што треба да се изменат со донесувањето на законот и прописите што треба да се донесат за спроведување на законот и
– други последици што ќе произлезат од предложените решенија.

Во член 135 од Деловникот, исто така се вели дека, кога предлог-законот содржи одредби со кои се врши усогласување со правото на Европската унија, во воведот се наведуваат и податоци за изворниот акт на Европската унија со полн назив, број и датум.

Во член 135, став 5 од Деловникот е наведено дека со предлогот на закон се поднесува и изјава за усогласеност, потпис на надлежниот министер и јасно наведување на правниот акт на Европската унија со кој е извршено усогласувањето.

Во член 136 од Деловникот е утврдено : „Ако предлогот на закон не е подготвен во согласност со одредбите на овој деловник, претседателот на Собранието, пред да го достави на пратениците, ќе побара од предлагачот да го усогласи со одредбите на овој деловник. Ако предлагачот не го дополни предлогот на законот во рок од 15 дена од барањето на претседателот на Собранието се смета дека предлогот на законот не е поднесен“.

Со донесениот закон за употребата на јазиците ниту се усогласува одредена област со правото на ЕУ, ниту пак, истиот е дел од обврските што земјата ги има преземено кон ЕУ. Не постои никаква директива за јазици, или каков било друг правен акт на ЕУ од кој треба да произлезе обврска за донесување на ваков закон.

Во случајов, во прашање е политичка манипулација со европското знаменце и повреда на чл. 135 и на чл. 136 од Деловникот на Собранието од страна на предлагачот, со цел да ја оправда скратената постапка за донесување на законот за употреба на јазиците.

Предлагачот на законот го оправдал европското знаменце и скратената постапка на донесување на законот за употреба на јазиците преку повикување на целосна и доследна имплементација на Охридскиот Рамковен договор што е исто така манипулација, со оглед на фактот што Законот за употреба на јазиците излегува надвор од решенијата на Охридскиот Рамковен договор.
Законот за јазиците ја уредува употребата на албанскиот јазик на многу поширок начин од оној утврден и со Рамковниот договор (посебно во точка 6.5., 6.6., 6.7., 6.8, како и во Анекс Б).

Во Анекс Б, точка 8 од ОРД, насловена како : „Закони што се однесуваат на употребата на јазиците“ пишува: „Собранието, до крајот на мандатот, ќе усвои нова легислатива со која ќе ја регулира употребата на јазиците во органите на Република Македонија. Оваа легислатива треба да обезбеди дека: „на пленарните седници и во работните тела на Собранието, пратениците да може да се обраќаат на јазиците споменати во член 7, став 1 и 2 од Уставот “(како што е утврдено во Анекс А);
„законите ќе се објавуваат на јазиците споменати во член 7, став 1 и 2 од Уставот“ (како што е изменето во согласност со Анекс А); и

„сите јавни службеници може да го пишуваат своето име со писмото на кои било јазици, споменати во член 7, став 1 и 2 од Уставот (како што е изменето во согласност со Анекс А) во кои било службени документи“.
Собранието, до крајот на мандатот на сегашното Собрание, исто така, ќе усвои нова легислатива за издавање лични документи. До крајот на мандатот на сегашното Собрание, Собранието треба да ги измени сите релевантни закони со цел одредбите за употребата на јазиците да бидат во целосна согласност со оддел 6 од Рамковниот договор“.

4. Указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците бр. 08–263/1 од 14 март 2018 („Сл. весник на РМ, бр. 7/19) заедно со текстот на оспорениот закон е објавен во „Службен весник на РМ“ бр. 7/2019 на неуставен начин.

При објавувањето на Указот за прогласување на Законот, направен е преседан, односно за прв пат во нашата 28-годишна правна историја, на местото каде што според Уставот треба да биде потпишан претседателот на Републиката е ставена фуснота со натамошно објаснување на формално-правните причини и уставнитe прекршувања што наводно произлегле поради непотпишување на Указот од страна на претседателот на Републиката.

Прво, Указот за прогласување на законот го има потписот од претседателот на Собранието на Македонија, но не и потписот на претседателот на Републиката со што е прекршен чл. 75, став 2 од Уставот каде се вели дека „Указот за прогласување на законите го потпишуваат претседателот на Републиката и претседателот на Собранието“.
Оспорениот Указ го нема потписот на претседателот на Републиката, но има потпис од заменикот генерален секретар на Собранието, Неџбедин Ибраими што е во спротивност со Уставот, но и со Деловникот на Собранието. Со сторениот преседан прекршен е и чл. 8, став 1, алинеја 4 од Уставот, или поконкретно темелната вредност на уставниот поредок, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.
Второ, претседателот на Собранието го прекршил чл. 67, став 3 од Уставот каде е регулирана инкомпатибилноста (неспојливоста) на функцијата претседател на Собранието со вршење на друга јавна функција, професија или функција во политичка партија“.

Во фуснотата што е ставена во спорниот указ се наведени причините зошто Указот го нема потписот на претседателот на Републиката со што претседателот на Собранието арбитрерно се ставил себеси во улога на судија на Уставниот суд кога констатирал дека тогашниот претседател на Републиката, проф. д-р Ѓорѓе Иванов, го прекршил Уставот. Ваквото дејствие на претседателот на Собранието, Таљат Џафери излегува надвор од неговите надлежности утврдени во Уставот и во Деловникот на Собранието.

Постапка за утврдување одговорност на претседателот на Републиката, согласно Уставот не беше покрената.
Трето, со Указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците број 08-263/1 од 14 март 2018 година (“Службен весник на Република Македонија“ број 7/2019) и Законот за употреба на јазиците (“Службен весник на Република Македонија“ број 7/2019) се прекршени и член 51, член 52, став 2, член 75, став 2, член 82 и член 87 од Уставот.

Куса хронологија:

Во чл. 52, став 2 од Уставот стои дека „Законите се објавуваат во Службен весник на РМ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување“.

Од друга страна, Законот за објавување на законите и другите прописи во Службен весник на РМ (1999) во чл. 6 вели дека: „Законите и другите прописи и акти се објавуваат по правило во првиот нареден број на Службен весник на РМ“.

Првата верзија од Законот за употреба на јазиците била изгласана на 11 јануари 2018, без учество на опозицијата.

На оваа верзија од Законот, тогашниот претседател на Републиката ставил вето што го поткрепи со бројни укажувања за неуставноста на текстот на Законот за употреба на јазиците.

И покрај ветото на претседателот, Собранието на својата 32. седница што се одржа на 14.03.2018 година, повторно ја стави на гласање оспорената содржина на Законот за употреба на јазиците без ниту една измена или дополнување како резултат на укажувањата на претседателот на Републиката. Законот бил донесен со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници со целосно игнорирање на забелешките на претседателот на Републиката.
Со оглед на фактот што претседателот на Собранието не ја закажал благовремено пленарната седница за повторна дискусија и гласање на ветираниот закон, не е испочитуван рокот од 30 дена, предвиден во чл. 173, став 2 од Деловникот на Собранието и чл. 38, став 3 од Законот за Собрание на РМ, во кој, владејачкото мнозинство имало деловничко и процедурално право повторно да го разгледа ветираниот закон од претседателот на Републиката.

Имајќи предвид дека законот бил донесен на 11 јануари 2018, а рокот од 30 дена, потребен за неговото повторно усвојување истекол на 11 февруари 2018, Собранието морало најдоцна до овој датум повторно да го усвои законот, што не било сторено.

Во чл. 52, став 2 од Уставот стои дека „законите се објавуваат во Службен весник на РМ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.

Максималниот уставно дозволен преклузивен рок за објава на оспорениот закон истекол на 21 март 2018, по што, законот не можел да се објави и да влезе во правна сила, односно не можел да произведе никакво обврзувачко дејство во правниот поредок. Спорниот закон е објавен на 14 јануари 2019 година, односно десет месеци по денот на неговото повторно изгласување, што е спротивно на темелната вредност на уставниот поредок „владеење на правото“ од член 8, алинеа 3 од Уставот.

 Како причини од материјално-правен карактер со кои се нарушила материјалната уставност, а кои доведуваат до ништовност на законот за употреба на јазиците ги сметаме следниве:

1) Законот за употреба на јазиците („Сл. весник на РМ, бр. 7/2019)

Е ВО СПРОТИВНОСТ СО:

– Член 7 од Уставот (АМАНДМАН V) кој што гласи:
1.На целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член.

Личните документи на граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, се издаваат на македонски јазик и неговото писмо, како и на тој јазик и неговото писмо во согласност со закон.

Кој било граѓанин кој живее во единиците на локалната самоуправа во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, во комуникацијата со подрачните единици на министерствата, може да употреби кој било од службените јазици и неговото писмо.
Подрачните единици надлежни за тие единици на локална самоуправа одговараат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмо што го употребува граѓанинот. Секој граѓанин во комуникација со министерствата може да употребува еден од службените јазици и неговото писмо, а министерствата одговараат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмото што го употребува граѓанинот.

Во органите на државната власт во Република Македонија службен јазик различен од македонскиот јазик, може да се користи во согласност со закон. Во единиците на локалната самоуправа јазикот и писмото што го користат најмалку 20% од граѓаните е службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. За употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од граѓаните во единиците на локалната самоуправа, одлучуваат органите на единиците на локалната самоуправа.

2. Со овој амандман се заменува членот 7 од Уставот на Република Македонија.

– Член 8, став 1, алинеја 1, 3, 4 и 11 и член 8, став 2 од Уставот кои гласат:

Член 8
Темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се:
– ОСНОВНИТЕ СЛОБОДИ И ПРАВА НА ЧОВЕКОТ И ГРАЃАНИНОТ, ПРИЗНАТИ ВО МЕЃУНАРОДНОТО ПРАВО И УТВРДЕНИ СО УСТАВОТ;
– слободното изразување на националната припадност, соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа,
– ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО;
– ПОДЕЛБАТА НА ДРЖАВНАТА ВЛАСТ НА ЗАКОНОДАВНА, ИЗВРШНА И СУДСКА;
– политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори;
– правната заштита на сопственоста;
– слободата на пазарот и претприемништвото;
– хуманизмот, социјалната правда и солидарноста;
– локалната самоуправа;
– уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на
животната средина и на природата и
– ПОЧИТУВАЊЕ НА ОПШТОПРИФАТЕНИТЕ НОРМИ НА МЕЃУНАРОДНОТО ПРАВО.

ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА СЛОБОДНО Е СЕ ШТО СО УСТАВОТ И ЗАКОНОТ НЕ Е ЗАБРАНЕТО.

– Член 9 од Уставот кој гласи:

Член 9

Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување; имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

– Член 16, став 1 од Уставот кој гласи:
Член 16
Се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.
Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање.
Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации.
Се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање.
Се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање.
Цензурата е забранета.

– Член 51 од Уставот кој гласи:

Член 51
Во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

– Член 75 од Уставот кој гласи:

Член 75
Законите се прогласуваат со указ. Указот за прогласување на законите го потпишуваат претседателот на Републиката и претседателот на Собранието. Претседателот на Републиката може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот.
Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот.
Претседателот е должен да го потпише указот, доколку според Уставот, законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

***********

Како предлагачи на оваа иницијатива сметаме дека целиот Закон за употреба на јазиците („Службен весник на Република Македонија“, број 7/2019) е спротивен на чл. 7 (амандман V) од Уставот.

1.1. ПРОБЛЕМИ СО НАСЛОВОТ НА ЗАКОНОТ КОЈ НЕ СООДВЕТСТВУВА СО ЧЛ. 7 (АМАНДМАН V) ОД УСТАВОТ

Најнапред, сакаме да му обрнеме внимание на Уставниот суд дека самиот наслов нема уставен основ, затоа што не води сметка и отстапува од уставната формулација содржана во член 7 (амандман V), став 2, што гласи: „Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член“.

Насловот на оспорениот закон внесува правна забуна дека се однесува на сите јазици, односно на македонскиот јазик, на јазикот што го зборуваат најмалку 20% граѓани на територијата на државата и во единиците на локалната самоуправа, како и на јазиците што ги зборуваат припадниците под 20 % од граѓаните во единиците на локалната самоуправа.

Фактот дека во правниот систем на државата има Закон за употреба на македонскиот јазик“, во чиј член 2, став 2 е утврдено дека: „ Употребата на македонскиот јазик, како службен јазик е право и должност на граѓаните на Р. Македонија“, не ја отстранува конфузијата врзана за прашањето на кои јазици се однесува Законот за употреба на јазиците.

Законот за употреба на јазиците не води сметка за постоењето на Законот за употреба на македонскиот јазик“ („Службен весник на РМ“ бр. 98/05, 89/08, 116/10, 187/13 и 152/15).
Насловот Закон за употреба на јазиците не само што го негира постоењето на Законот за употреба на македонскиот јазик, туку се апстрахира и од Законот за употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Р. Македонија и во единиците на локалната самоуправа („Службен весник на Р. Македонија“, бр 101/2008 и 100/2011) што бил во важност до донесувањето на новиот закон.
Ако предлагачот на Законот за употреба на јазиците во воведот констатирал потреба од доуредување на правната материја со која се регулира употребата на јазиците, тогаш е јасно дека не постоела потреба од нов закон, туку евентуално од изменување и дополнување на законот од 2008.
Сметаме дека насловот на претходниот закон, „Закон за употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во РМ и во единиците на локалната самоуправа“ од 2008 година е на линија на уставната норма, за разлика од насловот на оспорениот закон.

2. Оспорениот со оваа иницијатива Закон за употреба на јазиците ја уредува употребата на албанскиот јазик во далеку поширок обем од уставниот обем. Имено, чл. 7 (амандман V) од Уставот не зборува децидно и само за употребата на албанскиот јазик, како што е тоа утврдено во чл. 1, став 2 од оспорениот закон.

По однос на насловот на законот можеме да го заклучиме следново.

Називот на законот не води сметка за чл. 7 (амандман V), став 2 и став 6 од Уставот.
Став 2 од чл. 7 (амандман V) гласи: „Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член“.
Став 6 од чл. 7 (амандман V) гласи: „Во органите на државната власт во Република Македонија службен јазик различен од македонскиот јазик, може да се користи во согласност со закон. Во единиците на локалната самоуправа јазикот и писмото што го користат најмалку 20% од граѓаните е службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. За употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од граѓаните во единиците на локалната самоуправа, одлучуваат органите на единиците на локалната самоуправа.

 Чл. 7 (амандман V), став 2 е уставен основ и рамка за законско конкретизирање на употребата на јазикот што го зборуваат најмалку 20% граѓани во Македонија…, додека став 6, за употребата на јазикот што го зборуваат најмалку 20% граѓани во единиците на локалната самоуправа.
 За разлика од Законот за употреба на јазикот што го зборуваат 20% граѓани во Македонија и во единиците на локалната самоуправа, називот Закон за употреба на јазиците нема правна дикција, ниту правно кореспондира со чл. 7 (амандман V), став 2, 3, 4, 5, и 6.
 Амандманот V оперира со бројката 20%, а не со именување на друг службен јазик, воден од воведните одредби на Охридскиот рамковен договор, „како рамка за мирен и хармоничен развој на цивилното општество со почитување на етничкиот идентитет и интересите на сите македонски граѓани“, како и од основните принципи на Охридскиот рамковен договоор за „зачувување на унитарниот крактер на државата и непостоење на територијални решенија за етнички прашања“, како и потребата да се сочува и рефлектира во јавниот живот мултиетничкиот каракер на македонското општество“, што наоѓа израз и во уставната формулација за унитарниот карактер на државата , како и за мултиетничкиот карактер на општеството, во Преамбулата на Уставот. Законот за јазиците треба да се држи до уставната терминологија и до уставните норми, бидејќи согласно чл. 51 од Уставот „законите мора да се во согласност со Уставот“.

1.2. ПРАВНИ НЕДОСЛЕДНОСТИ МЕЃУ ЗАКОНОТ ЗА УПОТРЕБА НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК И ОСПОРЕНИОТ ЗАКОН ЗА УПОТРЕБА НА ЈАЗИЦИТЕ

 Во чл. 1, став 1 од законот за употреба на јазиците законодавецот го презел, поточно препишал чл. 7 (амандман V), став 1 од Уставот, но во истиот не упатил на Законот за употреба на македонскиот јазик како посебен закон, lex specialis. На законодавецот не му е јасно дека само јазикот од став 1, односно македонскиот јазик како службен јазик важи erga omnes, на целата територија на државата и во меѓународните односи.

 Чл. 1, став (2) не се повикува на Уставот, односно на чл. 7 (амандман V), став 6 од Уставот, туку сам на себе, доделувајќи си „конститутивен“ карактер. Законодавецот заборава дека службените јазици од став 2 се употребуваат согласно и во рамките на ставовите 3, 4, 5 и 6 на амандманот V, со што законските норми ги конструира неуставно.

 Уставно усогласената формулација на чл. 1, став 2 од законот би требала да гласи: „Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа, исто така, е службен јазик и неговото писмо, согласно став (2) и став (6) на Амандманот V и согласно овој закон.

1.3. НЕУСОГЛАСЕНОСТ НА ЗАКОНОТ СО УСТАВОТ ВО ДЕЛОТ НА УПОТРЕБА НА ДРУГ ЈАЗИК РАЗЛИЧЕН ОД МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК

1.Ако уставотворецот имал намера да го изедначи јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на целата територија на државата со македонскиот јазик, тогаш тој би го лоцирал јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на целата територија уште во став 1 од чл. 7 (амандман V) од Уставот. При тоа, став 2 од член 7 (амандман V) не би содржел формулација „како што е определено со овој член“, туку би гласел „друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните се употребува на цела територија на државата“, а не како сега само во единиците на локалната самоуправа каде што најмалку 20% од граѓаните зборуваат друг јазик, различен од македонскиот јазик.

2.Чл. 7 (амандман V) од Уставот прави јасна разлика меѓу употребата на јазиците од став 2 од страна на граѓаните со органите на државната власт, или во единиците на локалната самоуправа на друг јазик, различен од македонскиот јазик.

3.Чл. 7, став 4 (амандман V) од Уставот никаде не уредува колективно право што мора да се остварува во рамките на органите на државната власт, туку зборува за лично, индивидуално право на употреба/комуникација на граѓаните кои зборуваат различен јазик од македонскиот со наведените органи. Ова значи дека Уставот, правото на употреба на друг јазик различен од македонскиот го регулира како лично, индивидуално право на секој граѓанин, што може, но и не мора да се употреби кога има потреба да се обрати на јазик различен од македонскиот, а не како колективно право на заедниците.

4.Во чл. 7 (амандман V) од Уставот се вели дека граѓанинот има право да комуницира, да се обраќа до органите на државната власт на својот јазик, но тоа не значи обврска на органите на државната власт нивната внатрешна и нивната меѓу-институционална комуникација да мора да ја вршат и на албански јазик. Уставот никаде не вели дека тоа е обврска. Уште повеќе, Уставот никаде не ја регулира постојаната употреба на албанскиот јазик како втор службен јазик по автоматизам со цел албанскиот јазик да биде изедначен со македонскиот јазик во органите на државната власт.

Напротив.

Во чл. 7 (амандман V), став 1 и 2 од Уставот се прави јасно и прецизно разграничување во употребата на македонскиот јазик како службен јазик и неговото писмо како службено писмо на целата територија на РМ и во меѓународните односи, од една страна, и друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, кој исто така може да биде службен јазик, но така како што е определено со овој член, односно со ставовите 2, 3, 4, 5 и 6 на амандманот V од Уставот.

5.Последниот дел од став 2 на чл. 7 (амандман V) од Уставот: „како што е определено со овој член“ јасно ја дефинира рамката во која мора да се движи законот за употреба на јазиците. Овој дел од ставот утврдува, гарантира обврска за секој граѓанин и за секого дека употребата на другите службени јазици во државата ќе мора да биде во согласност со уставната норма, а законот мора да се движи во нејзините рамки. Законот за употреба на јазиците е поставен над Уставот, над уставната норма, и создава обврски за сите граѓани и за сите физички и правни лица во државата да го употребуваат албанскиот јазик на целата територија на државата што не е предвидено, ниту е загарантирано со став 2, туку само со став 1 од чл. 7 (амандман V) на Уставот.
Билингвизмот или мултилингвизмот постои само на ниво на единиците на локалната самоуправа, согласно став 6 од чл. 7 (амандман V) од Уставот.

6.Намерата на законодавецот албанскиот јазик да го изедначи со македонскиот јазик на територијата на цела држава и со тоа да биде неусогласен со чл. 7 (амандман V), став 1 од Уставот е очигледна уште во член 1 од Законот за употреба на јазиците. Во член 1, став 2 стои „друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните (албански јазик), исто така, е службен јазик и неговото писмо, согласно овој закон“. Издвојувањето на албанскиот јазик во заграда и неговото регулирање како „службен јазик согласно овој закон“ е противуставно.

7.Имено, за разлика од чл. 7 (амандман V), став 2 од Уставот каде што е утврдено дека „друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните.

Related posts

Leave a Comment