Колумни

Климе Новески : Мицко и печатот

Мицко и печатот.
Почитувани пријатели, на кои сеуште дејствува партиската магија и шарените партиски приказни,
Дозволете да ви го кажам моето скромно мислење за улогата на Мицковото ДПНЕ во завршниот процес на преименувањето на Македонија:
Имено сите знаеме дека се што стори оваа квази-влада на поле на уставни промени како и промена на уставното име, нема легално-правна основа. Нејзиното формирање започна со нелегален избор на претседател на собрание, вон собраниска процедура (класичен пуч на системот), во кој избор тогашната здружена опозиција учествуваше со помалку од 61 глас „за“ (импровизација во состав на темата „Пуч“). Исто така имавме и неуспешен референдум за промена на името, кој воедно содржеше и прашања за поддршка на народот за влез во ЕУ и НАТО (пораз плус и за ЕУ и НАТО бирократите). И ако на се‘ ова се надодадат мислењата на странски експерти (покрај домашните) кои укажуваат дека Преспанскиот договор е неодржлив според два члена од Венецијанската комисија, дека истиот е спротивен на меѓународното право и дека е изграден со користење на нелегални средства (проф. Френсис Ентони Бојл, Др. Клара Полачкова Ван дер Плуг, Андреј Корибко, проф. Карлос Флорес Хубериас), тогаш сите претходни напори и дела на квази-владата веројатно можат да се избришат со една обична „правна гумичка“.
Чуму тогаш изјавата на Мицко дека ако дојде на власт, би му требало двотретинско мнозинство и Бадентер како алатки за да се избрише правно нелегалното?
Мислам дека одговорот лежи во прашањето: Како душманот на Македонија да ја легализира дивоградбата северна? Имено, Во колку народот гласа на избори за опција, чиј лидер во завиена форма кажува дека нема ништо да преземе во однос на бришење на нелегалното (двотретинското мнозинство плус Бадентер во случајов се научна фантастика), де факто ќе изгласа опција, односно ќе даде легитимитет на опција која ќе продолжи ОФИЦИЈАЛНО да го користи новото насилно сменато име. Со други зборови Мицко ќе го удри печатот за легализација на дивоградбата северна, а вие драги мои со гласањето за него ќе му ја издадете таа „дозвола за легализација“.
Чаре? Чаре може да постои само при следните услови: Прво да се промени изборниот законик. Најважно. Како тоа ќе се изведе, е друго и очигледно тешко прашање. Второ, гласање само и само за опција која недвосмислено ќе се обврзе дека прво што ќе направи е дека ќе ја употреби „правната гумичка“ и ќе избрише се што е нелегално. А доколку нема такви услови, драги мои, единствената опција што ни преостанува е масовен БОЈКОТ на изборите. Ќе прашате зошто бојкот кога за парламентарни избори нема цензус? Затоа што парламент и влада избрани од 20 до 25% гласачи од вкупното гласачко тело, немаат легитимитет од сопствениот народ за тоа што мислат да го прават, а веќе срамежливо и меѓу редови го најавиле. Ќе се знае дека не ги избрал народот туку нивната клиентела. Народот ќе им дише во врат, како и на секој душман досега. Ниту пак ќе имаат легитимитет пред светот. Ќе го носат призвукот на „привремени“ насекаде. И дома и надвор. И толку ќе им тежат и одлуките- четврт гласачко тело.
Ете, тоа е нешто најмалку што можеме да го направиме за да излеземе од самоуништувачкото сценарио на „гласање за помалото зло“, кое сценарио не случајно се вметна во нашиот политички живот.
Тешко? Угоре високо – удолу длабоко? Така е. Сето тоа е резултат на нашата летаргија и т.н. стратегија „Купи ден, помини“. Големите искушенија бараат големо трпение, а слободата само низ борба се раѓа. Само така и никако поинаку. Се‘ друго е „Бајрам на умот“.

Да живее Република Македонија за век и веков !!!

Климе Новески

Related posts

Leave a Comment