Свет

Лепен маршира кон Елисејската палата?

Wary French bond investors position for Le Pen election test | Reuters

Французите во недела излегуваат на регионалните избори, кои се сметаат за последен тест пред најважните претседателски избори. Десничарите на Марин Лепен имаат големи шанси да освојат некои региони.

Анкетите се добар знак за Националното собрание (поранешен Национален фронт) предводено од Марин Лепен. Според истражувањето на Ифоп , неколку дена пред регионалните избори, таа десничарска партија е најпопуларна меѓу пет милиони гласачи во провинцијата Алпи-Азурен брег. Како што сега изгледа, по вториот круг на изборите (27 јуни), Националното собрание ќе има доволно поддршка да ја преземе функцијата регионален претседател.

На изборите таму пред шест години, Марион Маршал – внука на Марин Лепен – за малку изгуби во вториот круг, бидејќи сите други партии се обединија против неа. Сепак, денес, дури и таканаречениот „републикански блок“ тешко може да спречи победа на десницата.

Во Франција би било новина Националното собрание да ја освои регионалната власт. Досега тие успеаја да освојат неколку општини тука и таму, но никогаш ниту еден од тринаесетте француски региони.

Денес, пак, југозападот од земјата каде што се наоѓа луксузниот Азурен брег стана нешто како бастион на оваа партија. И тој не е единствениот. Националниото собрание има добри шанси во вкупно пет или шест региони, особено на северот.

Не е ни чудо што Марин Лепен сака да ги искористи регионалните избори како отскочна даска за најважните – претседателските избори следната година.

Таа веќе не зборува за напуштање на ЕУ

На последните избори за шеф на државата во 2017 година, сегашниот претседател Емануел Макрон ја победи Лепен во вториот круг. И сега сè зборува дека овие двајца ќе се најдат во вториот круг, со тоа што Лепен срга има поголеми шанси од минатиот пат.

Тактиката на Националното собрание е да се пробие кон нови слоеви на гласачи. Партијата долго време е прв избор на работниците, а сега лови гласови во граѓанско-конзервативниот табор. Марин Лепен работи на тоа долго време. Не само што го смени името на партијата основана од нејзиниот татко Жан-Мари Лепен пред неколку години, туку и ја омекна програмата. Па така денес, партијата повеќе не бара напуштање на еврозоната и Европската унија.

Омилена тема и пред овие регионални избори е внатрешната безбедност. Додуша, регионите имаат надлежности во областа на образованието, просторното планирање и сообраќајот, но слабо кога станува збор за полицијата. Сепак, ова не ги спречува Националното собрание и другите партии да се осврнат на ова прашање пред изборите.

На пример, Лоран Ваки, поранешниот шеф на републиканците, сака да стане претседател на еден од регионите преку промовирање на „штит од надзорните камери“, како и укинување на социјалните бенефиции за родителите на малолетни деликвенти. Ваки бара „агенти за безбедност“ во училиштата, што веќе постои во слична форма во Париз.

Самоуништување на традиционалните партии

Набљудувачите сметаат дека одзивот на регионалните избори ќе биде мал, но дека тие сепак се еден вид тест за расположението на гласачите пред претседателските избори. Сепак, до нив има уште десет месеци, па не се исклучуваат изненадувања, односно дека некој трет кандидат ќе се вмеша во планираниот дуел помеѓу Макрон и Лепен. Третиот првенствено би можело да биде некој кој добро би поминал на регионалните избори.

Денес, партискиот спектар на Франција е целосно нарушен. Четири години откако како независен кандидат го измеша Емануел Макрон, етаблираните партии останаа само во сенка на нивната поранешна величина. Има и прелетувачи, како што е европратеникот Тиери Маријани, кој беше министер во кабинетот на претседателот Никола Саркози, а пред две години и се приклучи на Ле Пен и сега е нејзин кандидат на Азурниот брег.

Тоа е неволја за сегашниот претседател на регионот, Рено Мусели, кој остана верен на републиканците. Затоа што, дури и во неговата партија, тој нема апсолутна поддршка. Пред неколку недели тој формираше предизборна коалиција со партијата на претседателот Макрон, по што многу влијателни конзервативци ја напуштија партијата. Марин Лепен секако тоа ја израдува.

Related posts

Leave a Comment