Порталот „Лидер“ објави нова афера под наслов „Орфеј“,во која е инволвиран Јон Фрчкоски синот на Љубомир Фрчкоски.
Туристичката агенција “Орфеј” со години не плаќала кирија за објектот, кој го користи во центарот на Скопје, а од Акционерското друштво за Стопанисување со станбен и деловен простор против-законски се откажале од извршување на долгот и со непостапување на оваа фирма и дозволуваат да го користи објектот без притоа да плаќа кирија.
Со ваквото постапување, пишува „Лидер“, директорот на правната служба на оваа државна компанија, Јон Фрчкоски, син на Љубомир Фрчкоски и потпретседател на СДММ, сторил кривично дело и го оштетил буџетот за околу 3 милиони денари. Порталот објавува и документи.
Од 22.09.2005 туристичката агенција „Орфеј” според тврдењата на медиумот користи објект, кој е во сопственост на државата и е стопанисуван од АД за Стопанисување со станбен и деловен простор. Договорот, кој оваа компанија го имала со државата, предвидувал извршност, односно активирање на извршител доколку истата не ги подмирува трошоците за крија.
Затоа што од “Орфеј” не плаќале кирија, пишува порталот, на 24.04.2015 било активирано извршно решение и компанијата била дадена на извршител. Според сите законски постапки, следно би требало компанијата да биде иселена од објектот и извршителот да повлекува пари од нејзината сметка.
Но, наместо државата да си го наплати долгот, вели „Лидер“, правната служба на АД за Стопанисување на станбен и деловен простор донела одлука да го стопира извршувањето.
Имено, на 31 состанок на одборот на директори на оваа државна компанија, кој се одржал на 14.12.2018, пишува натаму порталот, било одлучено до нотарот да се испрати барање до нотарот да се укине извршната клаузула во договорот со “Орфеј” и да се пристапи кон склучување на спогодба за начинот на кој “Орфеј” ќе го исплаќа долгот.
Самата оваа одлука, вели порталот, не би можела да се реализира во нормални услови, затоа што според законите во Македонија единствено судот може да стопира извршување. Но, Јон Фрчкоски, директор на правната служба на АД за Стопанисување со станбен и деловен простор отишол чекор понапред, па на 22.01.2019, официјално, со документ потпишан од него, побарал да се стопира извршувањето. Истото, од неразбирливи причини истиот ден било прифатено од нотарката Стела Лазаревска.
Но, приказната за злоупотреба на службената положба не завршува тука, пишува „Лидер“. Младиот Фрчкоски, додава, успеал да пронајде и дупка во законот, па не го реализирал вториот дел од одлуката на одборот на директори – до ден денес не е направен ниту нов договор, ниту спогодба со “Орфеј” за исплаќање на долгот.
Ова, според порталот, практично значи дека туристичката агенција нема никаква обврска да плаќа долг кон државата, затоа што е укината клаузулата за извршување и не постои начин на кој државата може да си ги наплати парите, кои и ги должи овој приватен правен субјект. Во исто време, “Орфеј” и понатаму си го користи објектот без да плаќа кирија.
Според изворите на “Економски Лидер” од АД за стопанисување со станбен и деловен простор, со ова на буџетот е направена штета од околу 3 милиони денари, кои поради правните мудрории на младиот Фрчкоски, сега државата нема како да си ги наплати.
Се очекува ОЈО да поведе постапка за случајот.