АМСТЕРДАМ – Холандските земјоделци денеска продолжија да фрлаат ѓубриво и ѓубре на автопатите и да палат оган на други патишта, во знак на протест против владините планови да ги намали емисиите на азот.
Сообраќајните власти објавија дека неколку патишта во централна и источна Холандија се целосно или делумно блокирани рано утринава и дека итно се испратени противпожарни служби за да се овозможи сообраќајот да минува, пренесува АП.
Последните демонстрации се случија еден ден откако Јохан Ремкеш, посредникот назначен од владата, испрати покани до организациите на земјоделците да разговараат со владејачката коалиција за начините за намалување на емисиите на азот.
„Ги гледам преговорите како пресвртница: заедничко излегување од ќорсокакот. Кабинетот ме убеди дека се можни заеднички решенија“, изјави Ремкеш, пренесуваат холандските медиуми.
Некои земјоделци го отфрлија назначувањето на Ремкеш за независен посредник бидејќи тој е член на централно-десничарската политичка партија на премиерот Марк Руте и поранешен вицепремиер.
Земјоделците се лути затоа што веруваат дека владината одлука за намалување на емисиите на азотни оксиди и амонијак ќе го уништи нивниот земјоделски начин на живот и ќе ги остави без работа, наведува АП.
Холандската влада тврди дека емисиите на азотни оксиди и амонијак произведени од добитокот мора драстично да се намалат во близина на природните области кои се дел од мрежата на заштитени живеалишта за загрозени растенија и диви животни што се протега низ 27 земји на Европската унија.
Земјоделците тврдат дека неправедно ќе го сносат најтешкиот товар од реформите, додека другите индустрии, како што се воздухопловството, градежништвото и транспортот, иако ја загадуваат и животната средина, се подложени на многу поблаги мерки и ја обвинуваат владата што не им понудила алтернатива. решение.
Претходно оваа година, земјоделците користеа трактори за да ги блокираат автопатите и центрите за дистрибуција на супермаркети, според американската агенција.