Свет

Русија пред Советот за безбедност ја обвини Украина дека се подготвува да употреби „валкана бомба“

Русија го претстави обвинението до Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) дека Украина се подготвува да употреби „валкана бомба“, експлозивна направа што содржи радиоактивен материјал.

Русија доцна синоќа ја изрази својата загриженост на состанок зад затворени врати.

„Ние сме сосема задоволни, бидејќи ја подигнавме свеста. Не ми пречи ако луѓето велат дека Русија алармира ако тоа не се случи, бидејќи ова е ужасна, страшна катастрофа што потенцијално и се заканува на целата Земја“, рече заменик-амбасадорот на Русија во ОН Дмитриј Полјански.

Заменик британскиот амбасадор во ОН, Џејмс Кариуки, сепак, им рече на новинарите дека не се презентирани докази за тврдењето на Русија.

„Не видовме ниту слушнавме нови докази. Ова е чиста руска дезинформација што сме ја виделе многу пати досега и треба да престане“, додаде Кариуки.

Меѓународната агенција за атомска енергија на ОН (МААЕ) се подготвува да испрати истражители во следните денови на две локации во Украина на барање на Киев, очигледно како одговор на руските тврдења за „валкана бомба“.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу во неделата телефонски разговараше со министрите за одбрана на Турција, Франција, Велика Британија и САД.

Шојгу им ја пренесе својата загриженост „за можната провокација на Украина“ и „можната украинска употреба на „валкана“ бомба на нејзино тло за да ја обвини Русија за тој напад.

Украина и западните земји го гледаат како закана од Русија, за која постои сомневање дека може сама да ја искористи „валканата бомба“ под овој изговор. Така, тоа би ја оправдало натамошната воена тензија со употреба на одмазднички тактики со нуклеарно оружје, оценија министрите.

Радиолошка бомба или „валкана бомба“ се состои од конвенционален експлозив опкружен со радиоактивни материјали кои се шират во моментот на експлозијата.

Related posts

Leave a Comment