Свет

Турското тестирање на С-400 е загрижувачко за Америка

 

ВАШИНГТОН – Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави дека е загрижувачки што Турција го тестира системот за воздушна одбрана С-400 што го купила од Русија, но додаде дека во тек се разговори меѓу Вашингтон и Анкара за решавање на проблемот.

Помпео истакна дека САД и ставиле до знаење на Турција дека Вашингтон сака Анкара да се воздржи од употреба на системот С-400.

„Да, тоа е загрижувачко“, рече Помпео кога беше запрашан да ги коментира извештаите дека турските борбени авиони Ф-16 летале над Анкара во понеделникот за да го тестираат рускиот одбранбен систем, пренесува Ројтерс.

Односите меѓу Турција и САД станаа постудени откако Анкара го купи системот С-400 од Русија.

Затоа, САД ја прекинаа продажбата на борбени авиони Ф-35 на Анкара, а Вашингтон ја предупреди Турција за евентуални санкции, велејќи дека руските ракети не се компатибилни со одбранбениот систем на НАТО.

Висок функционер на Стејт департментот минатата недела изјави дека Турција треба да се „ослободи“ од С-400 за да ги реши работите, пренесува Танјуг.

Претходно овој месец, американските и турските претседатели Доналд Трамп и Реџеп Таип Ердоган се согласија да побараат од релевантните министри и советниците за национална безбедност да работат на решавање на прашањата С-400.

Related posts

Leave a Comment