Македонија

Oд среда Полициски час од 16 часот, за викенди 24 часа дома

Мерката „полициски час“, наместо во 21 часот како што беше случај досега, од среда ќе почнува во 16 часот и ќе трае до пет часот наутро. Ова го напиша вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи на својот Фејсбук профил, како заклучок од денешната владина седница.

Тоа значи дека „полициски час“ на ниво на целата држава од среда ќе се применува како во случајот со Куманово.

Османи притоа додаде дека мерката ќе биде 24 часовна за време на викендите.

Дополнително, за лицата над 67-годишна возраст се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 10 до 12 часот.

За младите лица до 18 години се забранува движењето во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 13 до 15 часот.

Според одлуката, се забранува движењето на граѓаните на јавни места и јавни површини во групи поголеми од две лица, при што тука не се вбројуваат лицата помали од 14 години, доколку се деца на родител кој е дел од групата од двајца.

За земјоделските активности, дозволено е движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби.

Аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи.

Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗИ, како и матичните лекари) и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, при што тие своите ангажмани ќе ги реализираат непречено.

Related posts

Leave a Comment