Делегација на американски пратеници денеска пристигна во Тајван, 12 дена по посетата на претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, која предизвика незадоволство на Кина.
Кина одговори на посетата на Пелоси со спроведување воени вежби, испраќање проектили, воени бродови и авиони во морето и воздушниот простор околу Тајван.
Петчлената делегација ја предводи демократскиот сенатор Едвард Марки од Масачусетс и престојува во Тајван во рамките на посетата на Азија, соопшти Американскиот институт во Тајван, пренесува „Ројтерс“.
Тие ќе се сретнат со високи претставници за да разговараат за односите меѓу САД и Тајван, регионалната безбедност, трговијата, инвестициите и други прашања.
Тајвански радиодифузер прикажа снимка од авион на американската влада како слетува на аеродромот Сонгшан во Тајпеј , главниот град на оваа земја.
Кина тврди дека Тајван е нејзина територија и се противи на секој официјален контакт на Тајпеј со странски влади.