Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска од Нови Сад порача дека властите повеќе нема да дозволат насилство на протестите, како она од минатата сабота, додавајќи да доколку сепак дојде до насилство тоа ќе трае „толку кратко, што секој добро ќе ја разбере пораката на државата”.
Она што се случи беше затоа што мислевме дека имаме работа со лидери кои се нормални и рационални, но кога ќе видите дека имате работа со двајца тајкуни, кои брзаат да ги обноват своите финансии со грабеж на државниот имот и со еден фашист, направивме погрешна проценка. Сега повеќе не сметам на разумот на фашистот (Бошко) Обрадовиќ и тајкуните (Драган) Ѓилас и (Вук) Јеремиќ и ќе ги преземеме сите мерки, а граѓаните немаат причина да се плашат повеќе од насилство, кое нема да биде дозволено, изјави Вучиќ при обиколката на изградбата на новата зграда на Радио-телевизија Војводина во Нови Сад.
Тој изјави дека се запрашал кое е значењето на протестот пред Претседателската палата минатата недела, кога таа беше опколена од демонстрантите, додавајќи дека „во прашање е само една работа, а тоа е – да го убијат”.