Холандските власти издадоа 34 дозволи за влез на руски бродови во пристаништата на нацијата, објаснувајќи дека тие носат важен товар како алуминиум и храна.
Холандската влада додели 91 дозвола за ослободување на холандските компании од примената на санкциите на Европската унија против Русија, објави RTL News, повикувајќи се на државни институции.
Холандските власти не ги открија имињата на компаниите за кои не важат одредбите за санкции против Русија, ниту вредноста на зделките во кои се вклучени, ниту пак секторите од економијата кои се вклучени.
Од Министерството за надворешни работи на Холандија за RTL изјавија дека оваа информација ќе биде „чувствителна за компаниите“.
Официјални лица од ова министерство, заедно со колегите од министерствата за економски прашања, финансии, инфраструктура и образование, добија дозвола да им дозволат на компаниите „одреден степен на флексибилност во одредени случаи“, изјави неименуван функционер за холандски RTL.
Во извештајот се наведува дека и покрај забраната на ЕУ, бродовите под руско знаме пловат од европските пристаништа.
Холандското Министерство за инфраструктура и водостопанство издаде 34 исклучоци за да им дозволи на руските бродови пристап до националните пристаништа. Тие го оправдаа тоа со тоа дека бродовите превезувале важен товар како алуминиум и храна.
Министерството за економија издаде 25 дозволи на холандски компании за да можат да продолжат со соработката со подружниците на „Гаспром“. Дозволи беа издадени и за „хуманитарна основа“, „граѓански работи“, како и за плаќања од Русија за „дипломатски“ цели.
ЕУ усвои осум рунди санкции против Русија, вклучувајќи замрзнување на рускиот државен имот, ограничувања на пристапот до финансискиот пазар, трговски ембарга, како и специјални мерки насочени кон руски компании и поединци.