Канадскиот премиер Џастин Трудо одлучи да и даде на владата вонредни овластувања за да ги запре протестите на возачите на камиони и граѓаните незадоволни од мерките против короната.
Канадскиот министер за јавна безбедност Марко Мендичино рече дека е време полицијата да почне да ги користи своите широки овластувања дадени со канадскиот Закон за вонредни ситуации.
„Дадовме нови овластувања на полицијата и ни треба таа да ја заврши работата сега“, рече Мендичино откако Трудо објави дека законот и дозволува на владата да забрани блокади и да ги отстранува камионите.
Владата ќе може да ги забрани блокадите на граничните премини, аеродромите и главниот град Отава, да ги замрзне личните и деловните банкарски сметки на камионџиите и да ги суспендира нивните дозволи.
Може да ангажира и влечна служба за отстранување на големи пречки од раскрсниците и населбите. Досега некои влечни компании не сакаа да соработуваат затоа што ги поддржуваат камионџиите или поради страв од насилство.
Од крајот на јануари демонстрантите со камиони и други возила ги затворија улиците на Отава и го блокираа граничниот премин со САД, незадоволни од обврската за вакцинирање на возачите на камиони и другите ограничувања, но и од премиерот Трудо.
Трудо ја донесе оваа одлука поради зголемената фрустрација од неуспехот на владата и еден ден откако кралската канадска коњаничка полиција уапси 11 лица на блокираниот граничен премин во Куцу во државата Алберта и им ги заплени залихите на оружје и муниција.
Најфреквентниот и најважниот граничен премин меѓу Канада и САД, мостот Амбасадор, повторно беше отворен во неделата, откако полицијата уапси десетици демонстранти.
Властите соопштија и дека сообраќајот повторно се одвива на граничниот премин на Пацифичкиот автопат јужно од Ванкувер.