Актуелно

Пендаровски: Зошто ВМРО-ДПМНЕ не бара референдум и за Преспанскиот договор?

Северна Македонија Христијан Мицкоски Стево Пендаровски

Остри критики од претседателот Стево Пендаровски за вчерашната одлука на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ за поведување иницијатива за референдум на кој граѓаните би се изјаснувале за Договорот за пријателство со Бугарија потпишан пред повеќе од 5 години.

„На референдумот од опозицијата ќе добиеме прашање со кое во суштина македонските граѓани ќе ги прашуваат дали сакаат да престанеме да одиме кон ЕУ“, изјави Пендаровски по седницата на Советот за безбедност.

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во понеделникот одлучи да поведе иницијатива за референдум со прашање: „Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, објавен во Службен весник бр 12/2018 од 18.01.2018?“

Пендаровски оценува дека се работи за антиевропско изјаснување.

„Значи, вие ако дадете поддршка на таков референдум – класичен антиевропски со прашањето, нема потреба понатаму да го менувате Уставот. Едното го исклучува другото. Накратко, она што го очекувавме тоа и го добивме. Добивме прашање со кое во суштина македонските граѓани ги прашуваат или ќе ги прашаат – дали сакате да престанеме да одиме кон ЕУ. Тоа е прашањето“, рече Пендаровски.

А зошто не и Преспа?  

Според претседателот, чудно е зошто во референдумското прашање не се спомнува и Преспанскиот договор, бидејќи, како што вели, во европската преговарачка рамка со која почнавме преговори неодамна во истата реченица се наведени и Преспанскиот и Договорот со Бугарија.

Од ВМРО-ДПМНЕ му реплицираа на Пендаровски со барање да објасни „како отфрлање на билатерален договор кој е основа за асимилација е антиевропски референдум?“

„Прв случај во историјата Претседател на демократска држава да не сака да го слушне народот. Договорот со Бугарија е извор на сите негации на Македонија, македонскиот народ, историја и јазик. Со тој Договор, Заев наметна на државата товар со работи кои ниту Бугарските политичари пред тоа не се осмелувале да ги побараат“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ опишувајќи го Пендаровски како „слуга на владата“.

Премиерот Димитар Ковачевски го обвини својот опозициски ривал Христијан Мицкоски дека целта на референдумот е тој да си ја задржи партиската функција.

„Тоа што опозицијата во моментов го прави, го прави единствено заради свои внатрешни партиски потреби – задржување на позицијата на, веројатно, нивниот претседател“, рече Ковачевски.

Related posts

Leave a Comment