Најмалку 26 американски држави, во кои на власт се републиканците, во петокот поднесоа тужба против администрацијата на претседателот Џо Бајден поради декретот за задолжителна вакцинација на работниците во компаниите со повеќе од 100 вработени.
Според новите правила, кои стапуваат на сила на 4 јануари, компаниите со повеќе од 100 работници мора да бараат од вработените да се вакцинираат или на друг начин да се тестираат секоја недела за Ковид-19 и да носат маски на работа. Казната за непочитување на тоа правило би можела да биде речиси 14.000 долари по случај, пренесува Voice of America.
„Задолжителната уредба за вакцинација е неуставна, незаконска и непромислена“, рече главниот обвинител на Мисури Ерик Шмит во тужбата што ја поднесе до Апелацискиот суд во Сент Луис во име на 11 држави.
Шмит рече дека Мисури има 3.443 приватни компании кои би можеле да бидат погодени од одлуката за задолжителна вакцинација, со речиси 1,3 милиони работници.
Тој додаде дека поднел тужба за „да ги заштити личните слободи, да ги зачува компаниите во Мисури и да се спротивстави на бирократските деспоти кои едноставно сакаат моќ и контрола“.
Администрацијата на Бајден ги охрабрува Американците ширум земјата да се вакцинираат, наведувајќи дека ова е најбрзиот начин за излез од пандемијата. Портпаролката на Белата куќа во четвртокот рече дека целта на задолжителната вакцинација е да се запре ширењето на болеста што однесе повеќе од 750.000 животи во Америка.
Адвокатите од Секретаријатот за труд рекоа дека правниот преседан им овозможил да воведат правила за вакцинација со цел да се обезбеди безбедност при работа и дека имаат предност во однос на државните закони.
Кон тужбата на Мисури се приклучија и републиканските главни обвинители од Алјаска, Аризона, Арканзас, Монтана, Небраска, Њу Хемпшир, Северна Дакота и Вајоминг. Канцеларијата на јавниот обвинител на Ајова, демократот Том Милер, исто така, ја поддржа тужбата, заедно со неколку приватни, непрофитни и верски заедници.
Милер рече дека тужбата ја поднел на барање на републиканската гувернерка Ким Рејнолдс.
Луизијана, Мисисипи, Јужна Каролина, Тексас и Јута исто така поднесоа посебна тужба до Апелациониот суд во Њу Орлеанс. Канзас, Кентаки, Ајдахо, Охајо, Оклахома, Тенеси и Западна Вирџинија ја тужеа администрацијата пред судот во Синсинати, а Алабама, Флорида и Џорџија во Атланта.