Екс градоначалникот на Битола, Владимир Талески е осуден на 8 години затвор за злоупотреба на службената положба при организирање на ученички транспорт во општината. Тој заедно со уште 20-мина беа обвинети од некогашното СЈО во предметот познат како Транспортер. Се товареа дека од буџетот на општината се плаќала повисока цена за превоз од утврдената. Транспортните фирми изработувале фактури со зголемени цени кои преку директорите на училиштата завршувале на исплата во општината со што била направена штета од половина милион евра. На шест и пол години затвор е осуден и поранешниот секретар на општината, Слободан Бончановски. Затворски казни од 2 години и 2 месеци до 3 години и три месеци заработија и обвинетите управители на превозните компании од Битола. Директорите на основните и средните училишта се осудени на условна казна од 2 години затвор.
Уште еден предмет на поранешното СЈО денеска доби судска завршница.Обвинетите во Титиник 3 се осудени на затворски казни од по 3 и пол години.. Судот ги прогласи за виновни Исмет Гури и Ејуп Алими бидејќи за време на локалните избори во Чаир во 2013-та година преправале записници од гласањето. Додавале гласови за ДУИ а крателе од освоените гласови на ВМРО-ДПМНЕ и ДПА. Адвокатите најавија жалба на пресудата.
Пресудите за предметите на поранешното СЈО, поради состојбата со корона вирусот се одржуваа во речиси празна судница. Од вкупно 21 обвиниет во Транспортер, пресудата ја слушнаа само двајца обвинети.