Американскиот Стејт департмент ги стави на црна листа експремиерот Никола Груевски и ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, како одговор на нивното учество во значајна корупција. Како што соопшти Стејт департментот, нивните дела го поткопуваат владеењето на правото, демократските институции и јавните процеси и ја еродираат јавната доверба во владата. Покрај Груевски и Мијалков, Стејт департментот, исто така, на црна листа ги стави членовите на нивното потесно семејство па сите се неподобни за влез во САД.
„Во неговото службено својство на премиер, Груевски беше вмешан во коруптивни дејствија меѓу кои користејќи го своето политичко влијание и официјалната моќ за лична корист. Поточно, постојат веродостојни информации дека Груевски ја злоупотребил моќта на својата функција за да бара и прима мито за возврат на владини договори, незаконски присвоени јавни средства и мешање во изборните процеси за политичка полза за себе и за неговата партија“, вели Стејт департментот.
За Мијалков велат дека „во службеното својство на директор на УБК, бил инволвиран во коруптивни дела меѓу кои и користење на неговото политичко влијание и официјална моќ за лична корист. Поточно, има веродостојна информација дека Мијалков го злоупотребил овластувањето на функцијата за да бара поткуп за возврат да се склучат владини договори, и се мешал во изборните процеси во своја и политичка корист на својата партија“.
Груевски во ноември 2018 избега во Унгарија каде сега има политички азил во Будимпешта. Беше осуден на 2 години затвор за случајот со нелегална набавка на мерцедесот од 600 илјади евра. Осомничен е во клучните случаи за висока корупција на поранешното СЈО кои ги презеде Обвинителстовот за организиран криминал. Мијалков е неправосилно осуден на 12 години за масовното прислушување и првостепено уште на 8 години за предметот „Трезор“, обвинет е во „Плацеви на Водно“, а против него се води истрага за предметот „Империја“.
„Овој потег ја потврдува посветеноста на САД за поддршка на владеењето на правото и зајакнување на демократските институции на Република Северна Македонија. Одделот ќе продолжи да ги користи ваквите овластувања за да промовира одговорност за корумпираните актери во овој регион и на глобално ниво“, вели Стејт департментот.