Коронавирусот ја зема третата жртва во земјава. Министерот за здравство, Венко Филипче извести дека починала 66 годишната пациентка од Дебар која подолго време беше на респираторна машина. Според медицинската документација таа боледувала и од покачен крвен притисок.
Во меѓувреме денеска се забележани 29 нови случаи со коронавирус во земјава. Според градови на новите случаи, 20 се од Скопје, 3 од Куманово, 1 во Дебар, а денеска има и 3 случаи во Велес и 2 во Прилеп. Од направените тестови, Филипче извести дека пет лица се заразени од директорката на Кожна клиника, Нина Цаца Билјановска.
Вкупниот број на заразени со коронавирус во земјава се искачи на 177. Во меѓувреме министерот Венко Филипче извести дека од денеска почна давањето терапија која е комбинирана од два препарати која во повеќе земји е оценета како привремен лек за овој грип. Министерот апелираше до сите граѓани да не се лекуваат сами, туку да ги следат препораките на здравствените власти.