Основното државно обвинителство Скопје поведе постапка против 45-годишен државјанин на Босна и Херцеговина со привремен престој во Скопје, кој се сомничи дека сторил кривично дело – запуштање и малтретирање дете.
Како што наведуваат, тој е осомничен дека во периодот од септември 2022 година до 28 март годинава ја запоставил и ја малтретирал сопствената ќерка , грубо занемарувајќи ја својата должност за грижа и воспитување .
Како татко и единствен родител со кого живеело детето – родено 2008 година, редовно патувал во странство и ја оставал ќерката сама, без соодветна родителска грижа и без храна и хигиена дома. По враќањето од патувањето употребувал психичко и физичко насилство врз детето, употребувајќи каиш и тупаници, а во една прилика се обидел да го прободе со нож .
Осомничениот за време на викендите ја вработувал својата 14-годишна ќерка во слаткарница, а остварените приходи ги земал за да си ги подмири долговите.
На девојчето на 22 март му се слошило дома и не одело на училиште, а осомничениот и се јавил од странство и и се заканил дека ќе ја претепа кога ќе се врати затоа што отсуствувала. Ваквото однесување кај жртвата предизвикало постојан страв и стрес, како и чувство на напуштеност и отсуство на родителска грижа, велат од Обвинителството.
Бидејќи постојат околности кои укажуваат на ризик од бегство, како и посебни околности кои укажуваат дека осомничениот ќе влијае во кривичната постапка со влијание врз сведоците или ќе го повтори делото, државниот правобранител доставил предлог до судијата да му одреди мерка притвор.