На патот низ човечките искуства, особено на полето на меѓучовечките односи, многупати сме се сретнале со љубов и љубомора. И ни се чинеше дека се поврзани како светлина и сенка.
Во македонскиот јазик зборот љубомора значи негација на љубовта, нешто што ја убива љубовта. Но, иако љубомората беше непријатно искуство од кое посакувавме, или барем мислевме дека треба да се ослободиме, сепак не следеше – како сенка, врзана за секоја наша желба.
Со текот на времето станавме трагачи и на патот на самоспознанието дојдовме до увид во две состојби на постоење, две полиња на животот.
Едно Божествено – реално, што е полнота, совршенство, хармонија – љубов;
И второто – минливо во кое е нарушен законот за рамнотежа помеѓу давање и примање – законот на вечното обновување, законот на љубовта.
Во второто, постојат навидум одвоени ентитети, несвесни за нивната суштина и единството на животот што им овозможува, божествената енергија на првобитното поле.
Второто беше познато искуство, првото како претчувство, сеќавање, на оддамна изгубениот рај.
Со разбуден копнеж решивме да тргнеме по патот што води до таа прва, првобитна состојба на постоење, до центарот на вечниот оган на свеста, каде што нема сенка.
Но, бидејќи тој пат води директно низ нас, повторно моравме да сретнеме многу сенки на него, меѓу другото и со љубомора.
Зашто додека божествениот принцип е притаен во човекот, додека огнот на божествената свест повторно не стане негов центар, самиот човек е како нереална сенка.
Се чувствува отфрлено, запоставено и сака да задржи сè за себе, затоа што не е свесен дека самиот се отфрлил и истерал од божествениот поток и дека токму во желбата да задржи сè за себе, изгубил сè.
Тој само чувствува дека нешто важно недостасува. Не знае што е тоа, но мора да го надополни недостатокот што го чувствува. Колку човек е помалку свесен, толку повеќе го проектира својот живот надвор од себе.
Љубомората е исто така една од последиците на несвесниот начин на живот, проектирање нанадвор и неисполнети очекувања од другите за да се пополни нашата празнина.
Во основата на чувството на љубомора е стравот дека сме помалку вредни, дека нешто не е во ред со нас и дека некој друг го добива она што го сакаме. Еден од клучните елементи е перцепцијата дека сè е ограничено – вклучително и љубовта и вниманието – нема доволно за секого. Реакцијата да се чувствуваме помалку вредно е често гнев кон личноста која ни ја „одзема“ љубовта, посакуваното, а често и кон личноста чие внимание сакаме.
Мешавината на чувствата на страв, гнев и тага човечкото его, лажното јас, ментално ја преобразува во своја лична драма со чија помош дополнително го зајакнува своето чувство за постоење. Така, илузијата продолжува да се храни со илузија.
Сè додека во еден момент на патот на самоспознанието, искрено и отворено не се запрашаме, зошто го сакаме тоа што го сакаме?
Зошто сакаме да бидеме уникатни и посебни за некого?
Што навистина сакаме да добиеме од другиот?
Што може некој да ни даде? Или одземе?
Ова не враќа на почетокот, на почетокот кој го крие и крајот на нашиот проблем.
Нè враќа на изворот на сè.
На поделбата на еден на два, во мноштво.
До заблуда за одвоено постоење само затоа што ни се чини дека се движиме, размислуваме и чувствуваме независно. Поради расцепот меѓу срцето и главата, поради изгубената врска со единствениот Дух, кој сè поврзува.
Но, вистината се крие во нас и колку и да е занемарена, таа се пробива по бројните искуства кои постојано ни кажуваат дека нешто не е во ред со нашата првична претпоставка и дека мора да се вратиме од каде што дојдовме.
Сè секогаш нè води кон себе за да нè ослободи од тој лажен дел од нас, што самите го создадовме и кој сега не држи заробени.
Тоа е сенката од која произлегуваат чувствата на одвоеност, а потоа и завист и љубомора. Тоа е посебното јас или его, што ни ги комплицира животите и преку кое очекуваме другите да го направат за нас она што само ние можеме да го направиме за себе.
Без его, животот станува лесен и едноставен.
Спонтаната радост и едноставноста се автентични карактеристики на човековата природа.
За да ги ослободиме од канџите на сенката, мораме да молчиме и доброволно да се набљудуваме и прифатиме себеси и сè што го сочинува нашиот свет во помирување.
Токму оваа наша способност да ги набљудуваме сите движења во внатрешната празнина е патот кон кој покажа Буда, како пат на ослободување од слепото следење на несвесните импулси, навики и конвенции. Тоа е начин да се ослободи вистинското битие од измамата на сетилниот свет.
Ова е услов божественото семе во нас да се поврзе со протокот на божествената енергија на љубовта и да го врати во првобитната состојба на постоење.
По патот, љубомората ги губи и своите основи на постоење.
Расте свеста дека и она што се појавува мора да исчезне и дека не е дел од мене. Како што згаснува нашето чувство за приврзаност кон идентитетот со човечкото тело, ние повеќе не се гледаме себеси како изолиран, посебен ентитет изгубен во мистериозен, застрашувачки универзум. Не се чувствуваме обземени од него, обидувајќи се да најдеме дел од него за да го зграбиме и да се чувствуваме безбедно.
Тогаш се доближуваме до вистината, светлината без сенка – во центарот на божествениот оган.