Свет

Зеленски: Мора да признаеме, вратата за членство во НАТО не ни е отворена

ЛОНДОН – Украина мора да признае дека нема отворена врата за членство во НАТО, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски, обраќајќи се преку видео врска на состанокот на лидерите на Здружените експедициски сили во Лондон.

Обраќајќи им се на британскиот премиер и на лидерите на другите земји, Зеленски изрази фрустрација поради одбивањето на НАТО да воведе зона на забранети летови над Украина, јавува Би-би-си.

Зеленски рече дека Украина разбира дека не е членка на НАТО и дека предложила начин самостојно да го заштити своето небо и народ.

Тој тврди дека од почетокот на руската инвазија во Украина се убиени 97 деца, пренесува Ројтерс.

Зеленски рече дека НАТО е „најсилниот сојуз во светот“, но дека некои членки на оваа алијанса се „хипнотизирани од руската агресија“.

„Слушаме многу разговори за трета светска војна, која наводно може да започне ако НАТО го затвори небото над Украина за руски ракети и авиони и затоа се уште не е воспоставена хуманитарна зона за забранети летови“, рече Зеленски.

Тој тврди дека таквиот став и овозможува на руската армија да бомбардира градови во Украина и да „разнесува станбени згради, болници и училишта“.

Related posts

Leave a Comment