Кошарка

Поради коронавирусот Ѓорѓевиќ и Теодосиќ ќе гостуваат во – Скопје?!

Стравот од ширењето на коронавирусот продолжува да им прави проблеми на спортските клубови во Европа, нешто од што би можеле да имаат бенефит македонските спортски вљубеници по денешните информација до која дојде Спорт1.мк дека кошаркарската пресметка од Еврокупот помеѓу Дарушафака и Виртус Болоња би можела да се одигра задутре во – Скопје.

Тоа би значело можност во живо да се видат двете најголеми ѕвезди на италијанскиот состав, поранешниот српски селектор, Александар Ѓорѓевиќ и сигурно еден од најдобрите српски кошаркари во последно време, Милош Теодосиќ. Секако, во двата тима има уште голем број фантастични играчи какви што прашање дали некогаш гостувале во македонските сали.

Причина за ваквиот потенцијален развој на настаните е фактот што Турците веќе неколку дена имаат забрана за сите летови од Италија, каде што има најмногу заболени од коронавирусот во Европа. Поради тоа, кошаркарите од Болоња немаат начин како да стигнат до Истанбул, додека челниците на УЛЕБ, поради густиот распоред, не сакаат ниту да размислат околу евентуално пролонгирање на оваа средба. Поради ова, управата на турскиот тим бара алтернативни решенија за задутрешната пресметка, меѓу кои една од опциите е и играње во македонската престолнина.

Челници на Дарушафака во текот на денешниот ден се распрашувале околу можноста средбата да ја одиграат во една од двете модерни скопски сали, „Јане Сандански“ и „Борис Трајковски“, каде што во минатото се имаат играно средби од Еврокупот. МЗТ Скопје бил домаќин во овие спортски објекти во двата свои настапи во ова реномирано натпреварување, што носи гаранција за техничка исправност и задоволување на ептен строгите стандарди на УЛЕБ. Секако, поголеми шанси за улогата домаќин има арената во Аеродром, во која пред само две сезони гостуваа екипи како Гран Канарија, Цедевита, Лиеткабелис и Нижни Новгород, а кога беа вложени и дополнителни средства за прилагодување кон најновите технички барања од Еврокупот.

Одлуката за тоа каде ќе се одигра овој натпревар ќе биде донесена утре, а засега Скопје е само еден од кандидатите за улогата домаќин. Последните информации велат дека во игра се и германските градови Берлин и Франкфурт, каде што живеат голем број Турци, како и Белград и романскиот град Клуж.

Loading...

Related posts

Leave a Comment