Единствена казна затвор од три години и еден месец и парична казна од пет илјади евра за сопственикот на порталот „ДоказМ”, Марјан Стаменковски, објави денеска Основниот кривичен суд Скопје.
Судот објави дека Стаменковски е виновен затоа што преку веб порталот во негова сопственост, како средство за извршување, со намера да прибави за себе лична корист по пат на закани и уцени кон повеќе лица, ширел расистички и ксенофобичен материјал во јавноста.
За секое од делата „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, „уцена“, „пиратерија на аудиовизуелно дело“ и за „злоупотреба на лични податоци“, Судот му одреди по една година затвор односно вкупно четири години затвор, но согласно закон му одреди една единствена казна затвор од три години и еден месец, во која се засметува и времето поминато во притвор.
Стаменковски во рок од три месеци треба да плати и парична казна во висина од 250 дневни глоби, при што секоја глоба во вредност од 20 евра или вкупен износ од 5 000 евра.
Судот, исто така, му изрече и казна забрана за вршење дејност во период од 10 години за регистрација и водење на домен.
Оштетените во случајот, кои преднајавија штета, Судот ги упатува во граѓански спор.Стаменковски се наоѓа во притвор во КПУ Затвор Скопје од средината на февруари годинава.