ЕкономијаСвет

САД ги откажаа дополнителните царини за ѓубриво од Русија

 

ВАШИНГТОН – Американската меѓународна трговска комисија ги укина високите антидампинг и антисубвенциони давачки за увоз на азотни ѓубрива од Русија и Тринидад и Тобаго, заклучувајќи дека тој увоз не им наштетил на американските производители.

Одлуката на комисијата може да помогне во ублажувањето на недостигот и зголемувањето на цените на ѓубривата предизвикани од војната меѓу Русија и Украина, две земји кои се водечки извозници на ѓубрива.

Во исто време, ова претставува ретко трговско олеснување за Москва во услови на заострување на западните санкции и други економски притисоци поради руската инвазија на Украина, стара речиси пет месеци.

Одлуката ги укина неодамна воведените американски комбинирани антидампинг и антисубвенциони давачки до 132,6 отсто за руските течни азотни ѓубрива (уреа нитрат) и 113,5 отсто за таквиот увоз од Тринидад и Тобаго, пренесува Ројтерс.

На 21 јуни, американското Министерство за трговија го објави наметнувањето на тие тарифи како резултат на истрагата започната пред точно една година по петицијата на домашниот производител на ѓубрива, CF Industris Nitrogen Corporation од Дирфилд, Илиноис.

Минатата година САД увезоа уреа нитрат и азотни ѓубрива во вредност од 262,6 милиони долари од Русија и 231,1 милиони долари од Тринидад и Тобаго, покажуваат податоците на Министерството за трговија.

Related posts

Leave a Comment