Преговорите со Министерството за образование не дадоа резултат, што значи дека СОНК останува на одлуката за предупредувачки штрајк кој ќе биде одржан утре.
Наставниците и професорите од основните и средните училишта ќе дојдат на своите работни места, но нема да ги прифаќаат учениците на настава.
Од СОНК велат дека наставниот кадар ќе престојува во просториите предвидени за штрајк, а во училиштата нема да се одржуваат никакви активности.
Од Синдикатот велат дека кон предупредувачкиот штрајк можат да се приклучат и оние кои не се членови на синдикатот, бидејќи законот тоа им го дозволува.
Од СОНК се незадоволни од покачувањето на платата на наставниот кадар од 5% и бараат тој да биде усогласен со покачувањето на минималната плата во земјава, односно до 25%.
До Синдикатот стигнале и пријави за притисоци врз наставниците. Како што рече претседателот на СОНК Неделков, одредени директори и заменици директори усно им наредувале на наставниците да ги примат децата на настава во текот на утрешниот ден.
Извор Сител