Свет

Талибанците пристигнаа во Русија, подготвени да продолжат со дијалогот

 

Преговарачкиот тим на Талибанците пристигна во Русија, само неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека разговорите со таа бунтовничка група од Авганистан се „мртви“, пренесува АП.

Портпаролот на талибанците Сухаил Шахен изјави дека делегацијата одржува консултации со Замир Кабул, претставникот на рускиот претседател Владимир Путин во Авганистан.

Интерфакс ја цитираше изјавата на неименуваниот портпарол на руското Министерство за надворешни работи во која се вели дека на состанокот во Русија се потенцира потребата за повторно отворање на разговорите меѓу САД и Талибанците и дека групата ја потврди подготвеноста за продолжување на дијалогот.

Тоа беше прва меѓународна посета на Талибанците, откако преговорите со Вашингтон не успеаја.

Трамп: Преговорите се мртви

Мировните преговори меѓу Соединетите држави и Талибанците започнаа во Катар минатиот октомври, со цел да се стави крај на војната во Авганистан, која траеше скоро 18 години.

Но, во понеделникот американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека преговорите се завршени без договор.

„Преговорите се мртви. Што се однесува до мене, тие се мртви“, им рече Трамп на новинарите откако американски војник беше убиен во напад на Талибанците минатата недела во кој загинаа 12 лица.

Потегот на американскиот претседател ги изненади талибанските водачи.

„Изненадувачки беше затоа што веќе постигнавме мировен договор со преговарачкиот тим на САД“, изјави Сухаил Шахин, талибански портпарол, за Ал Џезира.

После девет рунди преговори во Доха, разликите во ставовите меѓу двете страни се чинеше дека се намалени.

Договорот е скоро финализиран

Специјалниот претставник на САД за Авганистан, Залмај Калилзад, исто така, истакна дека договорот е, во принцип, финализиран.

Од самиот почеток, преговорите се фокусираа на неколку клучни области – уверувањата на Талибанците дека нема да дозволат странските воени групи и борци да го користат Авганистан како база за напади врз други земји, целосно повлекување на силите на САД и НАТО, внатрешен дијалог и постојан прекин на огнот.

Но Шахен вели дека прекинот на огнот во земјата никогаш не бил тема на разговор, но дека договорите во земјата се.

„Ние сме подготвени да разговараме со другите Авганистанци. Ако има договор за прекин на огнот, ние нема да ги нападнеме. Но, тоа е внатрешно прашање на Авганистан. Ние сакаме прво да престане окупацијата на државата“, рече тој.

Тој исто така додаде дека мировниот договор ќе им овозможи на Американците безбедно повлекување.

Related posts

Leave a Comment