Свет

Германската ЦДУ : Нема да соработуваме со екстремната десница,ниту директно ниту индиректно

Христијанско демократската унија (ЦДУ) на германската канцеларка Ангела Меркел вети дека  нема да соработува со екстремната десница „ни директно ни индиректно“, бидејќи во земјата се крена прашина околу изборот на гувернер во сојузната држава Тирингија со нејзина, но и со поддршката на екстремно десничарската алтернатива за Германија (АфД).

Ненадејниот избор на Томас Кемерих за гувернер, член на малата либерална партија,Слободни Демократи, ја потресе германската политичка сцена, ги зголеми тензиите во конзервативната ЦДУ и ги оживеа прашањата за иднината на нејзината коалициска влада со Социјалдемократската партија на Германија (СПД) на национално ниво.

Претседателката на ЦДУ, Анегрет Крамп-Каренбауер, која ја наследи Меркел во седиштето на партијата во 2018 година, денес го собра врвот на партијата во Берлин на вонредна средба.

Според Крамп-Каренбауер, учесниците на состанокот едногласно се согласиле дека „ЦДУ нема да соработуваат со АфД, директно или индиректно, ниту на ниво на Германија ниту во Тирингија“.

Изборот на Кемерих во средата беше можен благодарение на гласовите на АфД, кои го осудија партиите лево од центарот, но и многу партии од централната-десница. Меркел вчера изјави дека изборот на гувернер на Тирингија со помош на екстремната десница, но и од страна на нејзината ЦДУ е „непростлив“. Вчера, денот откако беше избран, Кемерих објави дека има намера да си даде оставка.

Крамп-Каренбауер рече дека нејзината партија е подготвена за „конструктивна соработка“ во изнаоѓање на решение за проблемот со Тирингија, но нема да избере гувернер ниту од левицата ниту некој кој зависи од гласовите на пратениците од редовите на АфД.

Таа ги повика партиите од левиот центар да предложат кандидат кој „не ја дели државата“, додавајќи дека „нови избори се неизбежни“ во Тирингија доколку не се најде решение.

Претседателката на ЦДУ се обидува да го зачува својот авторитет во партијата, ослабена од тоа што нејзините пратеници од Тирингија гласаа за Кемерих, спротивно на препораката од Берлин.

Мала фракција во ЦДУ се залага за поопуштен пристап кон АфД, чија најголема сила е на истокот на земјата, а несогласувања има и околу односите со Левицата. ЦДУ досега ја отфрли можноста за соработка и со АфД и со левицата, чиј член Бодо Рамелов беше поранешен гувернер на Тирингија.

На изборите во октомври за Тирингискиот парламент, кој избира гувернер, најмногу гласови доби левицата,  АфД се најде на второ место, а ЦДУ на третото место.

Слободните демократи на Кемерих, традиционални сојузници на ЦДУ, едвај влегоа во парламентот на Тирингија, освојувајќи пет од 90 места.

Според анкетата објавена денес, ЦДУ би можела да изгуби значителен број гласачи на новите избори во Тирингија.

Изборот на Кемерих за гувернер предизвика тензии во коалицијата ЦДУ и СПД, чии лидери ќе се сретнат денес.

Related posts

Leave a Comment