Свет

Лавров ја посети Венецуела како знак за поддршка на Мадуро, притисоците од Вашингтон се посилни

ЕПА / МАКСИМ ШИПЕНКОВ

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вчера ја посети Венецуела во знак за поддршка на претседателот Николас Мадуро.

Посетата на Лавров доаѓа во време кога растечкиот притисок на Вашингтон се заканува дека ќе го отсече социјалистичкиот лидер од помошта на руската нафтена компанија „Роснефт“.

Доаѓањето на Лавров во Каракас уследи по патувањето на венецуелскиот опозициски лидер Хуан Гуаидо за Вашингтон, каде што официјални лица од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп велат дека ќе ги удвојат напорите за заминување на Мадуро од позицијата шеф на државата.

САД оваа недела објавија дека администрацијата на Трамп наскоро ќе одлучи дали ќе воведе санкции за моќната руска државна компанија „Роснефт“ од Русија, од чија помош зависи Мадуро.

Вашингтон, како и 60 други држави, го поддржуваат Гуаидо тврдејки дека Мадуро победил на нефер избори во 2018 година.

Трамп ја потврди својата поддршка за Гуаидо оваа недела, бидејќи го означи како „вистински и легитимен“ лидер на Венецуела во говорот пред американскиот Конгрес, нарекувајќи го Мадуро тиранин.

Трамп потоа го прими Гуаидо во Белата куќа. Тој гест го зајакна Гуаидо, чија поддршка во Венецуела слабее, една година откако тој се прогласи за претседател на земјата и вети дека ќе го собори Мадуро и ќе стави крај на политичката и економската криза во таа земја богата со нафта.

Сепак, Мадуро е сè уште на власт, со поддршка на војската и сојузниците како Куба, Кина и Турција. Русија и Венецуела имаат политичко, воено и економско партнерство, договорено пред неколку години од рускиот претседател Владимир Путин и претходникот на Мадуро, починатиот претседател на Венецуела, Уго Чавес.

Москва и даде значителна помош на Венецуела, на која и испрати против воздушен одбранбен систем и и овозможи да ги заобиколи санкциите од САД, насочени кон нејзината нафтена индустрија.

За време на посетата на Мексико вчера, Лавров рече дека Москва не дала никаква понуда што вклучува заминување на Мадуро од власта, на што инсистира Вашингтон.

„Ние не даваме никаков предлог. Ние ги почитуваме нашите партнери“, им рече Лавров на новинарите.

Related posts

Leave a Comment