„Операција Барбароса“ – под тоа кодно име, германскиот рајх го нападна Советскиот Сојуз пред 80 години, на 22 јуни 1941 година. Најкрвавата фаза од Втората светска војна започна со „Блицкриг“ на Адолф Хитлер на исток.
Националсоцијалистичкиот диктатор Адолф Хитлер и неговите генерали со месеци се подготвуваа за тој момент. И тогаш, во неделата, на 22 јуни 1941 година, дојде време за акција: во 3:15 часот по полноќ, Вермахтот го нападна Советскиот сојуз.
Без објавување војна и без оглед на претходно склучениот договор за не напаѓање, т.н. Пактот Хитлер-Сталин.
Повеќе од три и пол милиони германски војници и нивните сојузници напаѓаат со поддршка на артилеријата, авиони и тенкови – брзо, масовно, немилосрдно. Луфтвафе ги бомбардира советските авиони веќе на земја.
Борбената линија помеѓу Балтичко и Црно море е долга 1.600 километри, најдолгиот фронт во историјата.
Нападот ги затекна војниците на Црвената армија неподготвени. “излегуваа дури и во пижами, а потоа пукаа. Тие беа целосно изненадени”, се сеќава поранешниот војник на Вермахтот, Герхард Герц.
Видео со неговото сведоштво може да се најде на Интернет порталот на Домот на историјата во Бон.
Шефот на Советската држава и Комунистичката партија, Јосиф Сталин, ги отфрли сите предупредувања. Тој рече дека не верува дека Хитлер ќе се осмели да ја нападне џиновската империја и не изврши мобилизација на време.
Германската пропаганда го опиша нападот како „превентивен“ – против непосредната воена агресија од болшевиците.
Во реалноста, Хитлер води кампања на безмилосно и бескрупулозно освојување. Диктаторот сонува за нов „животен простор“ за Германците на истокот. За „Големата германска империја“, од Атлантикот до Урал.
Крстоносната војна на Хитлер
Хитлер смета дека војната е борба за опстанок на светогледите и расите. За него, кампањата против Советскиот Сојуз е крстоносна војна против „светското еврејство“ и комунизмот.
Симболично е што големата офанзива се одвива под кодно име „Операција Барбароса“. Тоа е алузија на императорот Фредерик Први Барбароса (1122-1190) кој ја предводел Римско-германската империја во крстоносните војни.
Војната на Хитлер се покажа како масовно воено злосторство. Многу војници, исперени мозоци од идеологијата на „крв и земја“, веруваат дека како „ариевска раса“ тие се супериорни во однос на словенските народи.
„Нашите претпоставени постојано ни велеа дека Русите се подлуѓе, дека се необразовани“, вели поранешниот војник на Вермахт, Херберт Баер, во видеото на порталот на музејот за германска историја во Бон.
“Нападот на Хитлер на Советскиот Сојуз беше војна за уништување. Освен воени цели, тој за цел имаше идеолошки втемелено и планирано уништување на целата држава и нејзиното население”, изјави за Дојче веле Крис Хелмеке историчарот на Бундесвер центарот за воена историја и социологија . „По својата сеопфатна криминална димензија, германско-советската војна има единствена карактеристика во историјата.
Воени злосторства
5,6 милиони советски војници беа заробени, а потоа беа испратени на принудна работа во Германија. 3,3 милиони од нив при тоа го загубија животот.
Единиците на СС го прогонуваа еврејското население на окупираните територии, со поддршка на Вермахтот.
“Евреите беа извлекувани од своите куќи и принудувани да земат лопата со себе за да си ископаат сопствен гроб. Потоа биле застрелувани од жандармеријата”, рече сведокот и поранешен војник Вили Хајн во видеото од Домот на историјата.
Покрај тоа, имаше т.н. „наредба за комесари“ што предвидуваше политичките комесари на Црвената армија, по заробувањето, веднаш да бидат стрелани.
Германските освојувачи првично беа сигурни во својата победа. Вермахтот ги окупираше Украина, Белорусија и балтичките држави. Тие веруваа дека наскоро ќе ја окупираат и Москва.
Сепак, тие не успеаја да ја уништат Црвената армија до тој степен од кој повеќе нема да може да пружа никаков отпор. Војната се оддолжи, а Вермахтот беше недоволно подготвен за сурови и студени зими со температури од минус 50 степени.
Без стратегија за долготрајна војна
Хитлер многу го потцени советскиот противник, гласи заклучокот на историчарот Крис Хелмеке. „Всушност, војниците на Црвената армија се бореа жилаво и упорно. Нивните команданти непрестано учеа“.
Се претпоставуваше дека Советскиот Сојуз може да биде срушен во голема молскавична војна (блицкриг), со битки близу границата. Немаше планови во случај на неуспех на тој концепт “, вели Хелмеке.” Едноставно немаше ресурси “.
Најдоцна по поразот во битката кај Сталинград на 2 февруари 1943 година, плановите на Хитлер за освојување пропаднаа.
(Фото) Битка за Сталинград
Германскиот рајх водеше војна на два фронта, против западните сојузници и Советскиот сојуз.
Неуспехот на потфатот „Барбароса“ се смета за пресвртна точка во Втората светска војна (1 септември 1939 година – 8 мај 1945 година). „Може да се каже дека војната веќе беше стратешки изгубена во 1941 година“, вели историчарот Хелмеке.
Последиците од тоа може да се почувствуваат дури и денес во Централна и Источна Европа – од поместување на границите па до културата на сеќавањата.
„Војната е жива во постсоветските земји и не мислам само на Руската Федерација “ , изјави за ДВ , Јерг Море, директор на германско-рускиот музеј „Берлин-Карлшорст“.
„Сите овие траги – мртви, тешко трауматизирани, ранети, протерани кои мораа да живеат на друго место по војната – сето тоа се наоѓа во семејните приказни дури и денес, во третата, четвртата и петтата генерација“, вели Море.
Помирување меѓу луѓето
Крвавото минато игра постојана улога во билатералните односи со земјите од поранешниот Советски Сојуз, пред се на политичко ниво.
„Владите порачуваат:„ Тоа не можеме да го заборавиме. “И тоа е повисок облик на користење историја за дневно политички цели“, вели директорот на германско-рускиот музеј.
Сепак, според гледиштето на Море, помирувањето постои, и покрај огромното страдање. Па дури и безрезервно помирување: „Сметам дека тоа е зачудувачки, особено на ниво на обични луѓе“.
Секако, вели Моро, приказните не се забораваат. “Ние Германците сме среќни и проактивни кога започнуваме дискусии за вината и тоа ни е дозволено. Но, тоа воопшто не се бара од нас. Затоа велам дека гестот за помирување е навистина без двоумење”.