Свет

Русија тврди дека во Боливија е извршен државен удар

РУСИЈА ја обвини боливиската опозиција за провокација на насилство во таа јужноамериканска земја и рече дека е извршен државен удар во Боливија. 

Ево Моралес објави дека поднесува оставка, за да ги смири насилните протести што избувнаа откако беа објавени резултатите од оспорените избори, и рече дека тој е жртва на пуч.

Руски нуклеарен центар во Боливија

Државната нуклеарна агенција на Русија гради нуклеарен центар во Боливија, поради што Москва има економски интерес во таа земја.

Моралес разговараше со Путин во Москва во јуни, а потоа објави дека боливискиот гас и литиум се области на соработка со Кремлин. 

„Ние сме вознемирени од драматичниот пресврт на настаните во Боливија, каде опозицијата започна бран насилство и не дозволи Моралес да го заврши неговиот претседателски мандат“, се вели во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.

„Ние сме длабоко загрижени дека за време на внатрешната политичка криза во земјата, подготвеноста на владата да бара конструктивни решенија преку дијалог беше спречена од случувањата во форма на организиран пуч“, се додава во извештајот.

Кремлин повика на смиреност и рече дека се надева оти странските сили нема да се мешаат во кризата.

Моралес не побара азил

Моралес не бил во контакт со Москва и не аплицирал за азил, изјави пред новинарите портпаролот на Кремлин, Димитриј Песков.

По одложувањето на објавувањето на резултатите, беше објавено дека Моралес освоил десет процентни гласови повеќе од опозицискиот кандидат Карлос Мес во првиот круг на изборите, поради што нема втор круг на избори.

Моралес се согласи да се одржат нови претседателски избори по препорака на Организацијата на американските држави (ОАС), која спроведе преглед на контроверзните избори на 20 октомври и откри наводни сериозни нерегуларности во спроведувањето на истите. 

Тој ја објави својата оставка, откако таа беше побарана од страна на боливиската армија, по неколкудневни пост-изборни протести.

Related posts

Leave a Comment