Андриј Наумов, еден од шефовите на украинската разузнавачка служба СБУ, кој ја напушти земјата ден пред руската инвазија и кој е обвинет за предавство, наводно бил уапсен во Србија, пишуваат тамошните медиуми.
Според Киев Индепендент, Украинска правда и порталот НВ, Наумов, кој Зеленски на 31 март беше сменет од функцијата шеф на одделот за внатрешна безбедност и обвинет за велепредавство, наводно бил уапсен на граничниот премин Прешево заедно со германски државјанин, кој наводно е негов возач.
⚡️ Ukrainska Pravda: Fugitive Security Service ex-general reportedly detained in Serbia.
Andriy Naumov, who headed the agency’s internal security department, left Ukraine on Feb. 23, hours before Russia launched its full-scale invasion.
— The Kyiv Independent (@KyivIndependent) June 10, 2022
Во соопштението на српското МВР се наведува дека под сомнение за перење пари се уапсени Германецот А.А. и украинецот А.Н. Полицијата во нивниот автомобил, управуван од А.А, пронашла непријавени пари – 607.990 евра и 124.924 долари во готовина, како и два смарагди.
Тие се обвинети дека имале намера преку граничниот премин да превезат пари и скапоцени камења, за кои постои сомневање дека потекнуваат од криминални активности и да ги изнесат од Србија, наводно во Македонија .
Наумов и неговиот придружник наводно се соочуваат со казна од една до 12 години затвор, но украинските медиуми пишуваат дека постои страв дека, поради тоа што Наумов знае бројни украински државни тајни, би можел да се обиде да ги тргува во замена за својата слобода.
Србија се уште не и доставила на Украина официјални информации за апсењето на украинските државјани и околностите под кои се случило ова апсење, пишува порталот НВ.
Наумов се приклучил на СБУ во 2019 година, а во јули 2021 година беше назначен за шеф на секторот за внатрешна безбедност. Според локалните медиуми, тој ја напуштил Украина само неколку часа пред почетокот на руската инвазија, а своето семејство го испратил порано во странство.
Украинските служби го пребарале неговиот трисобен стан во елитен комплекс во центарот на Киев, кој, како што се испоставило во 2020 година, семејството го купило по цена четири пати поевтина од пазарната.
Наумов е обвинет во серија новинарски истраги за шверцуван увоз и корупциски шеми на царината. Тој се појави во истрагата за шеми за стекнување на елитен имот што не е споредлив со официјалниот приход на државниот службеник.
Зеленски официјално го отпушти Наумов на 31 март, тврдејќи дека извршил велепредавство и го нарече „антихерој“ кој ја прекршил неговата воена заклетва.
– Оние високи воени офицери кои не разбираат каде е нивната татковина, кои ја прекршиле заклетвата што ја дадоа пред украинскиот народ да ја заштитат нашата земја, ќе останат без своите чинови– рече тогаш Зеленски. Наумов имал чин бригаден генерал.
Претходно, Наумов работеше во Јавното обвинителство и во Државната агенција за управување со исклучената зона Чернобил. Како шеф на одделот за внатрешна безбедност, тој беше одговорен за контрола на самите службеници на СБУ за да се спречи корупцијата. Податоците за работата на оваа единица се тајни.