Двајцата министри оценија дека денешната средба била конструктивна. Генчовска ѝ посака успех на Северна Македонија на патот кон ЕУ, а Османи рече дека потпишаниот протокол се гледа дека досега навистина е сработено многу и порача дека ова е еден нов почеток во односите на двете држави
Министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска, денеска во Софија го потпишаа билатералниот протокол, еден од документите кои беа потребни да се постигнат пред почетокот на преговорите.
Протоколот беше потпишан во рамки на вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија, согласно членот 12 од Договорот за добрососедство.
По потпишувањето, Генчовска порача дека Бугарија ја поддржува интеграцијата на Северна Македонија и Албанија и им посака успех на двете земји по европскиот пат.
Тоа што треба да се направи оттука натаму, рече таа, е договореното да се примени во пракса за што, како што рече, е потребен сериозен ангажман на двете држави.
Експертите од двете Министерства за надворешни работи, посочи Генчовска, ќе продолжат да работат.
Османи, пак, рече дека му е задоволство што после три години се одржува втората седница на меѓувладината комисија и се согласи со неговата бугарска колешка дека денеска имале конструктивен состанок на кој разговарале за работата на петте работни групи.
„Од тоа што го разговаравме и го има во овој протокол, во овој записник, се гледа дека навистина е сработено доста. Дека сите кои беа вклучени максимално се вложиле за да има проекти, меморандуми, документи со кои односите помеѓу нашите две држави отвораат едно ново поглавје во кое во сите сектори ќе се поврзуваат луѓето, бизнисите, различните институции со цел таа соработка да биде поблиска и поплодна, заснована на меѓусебна доверба како блиски пријатели и сојузници во НАТО, а се надевам за скоро и како сојузници во ЕУ“, рече Османи.
За нас, рече министерот, е историска можност што после 17 години Република Северна Македонија добива можност да ги почне преговорите уште утре или задутре со ЕУ со што почнува последната фаза од нашето пристапување во ЕУ.
„Се надеваме и овој билатерален процес на соработка со Република Бугарија и другиот пат на пристапни преговори со ЕУ ќе овозможат поблиска соработка помеѓу нашите две држави. Очекуваме поддршка од страна на Република Бугарија на овој пат на кој почнуваме, патот на пристапни преговори, сето тоа во интерес на граѓаните на Република Северна Македонија, но и на Република Бугарија чиј интерес е Западен Балкан да се движи брзо и сигурно кон членство во ЕУ. Ова е само еден нов почетокот, се надевам дека од денеска отвораме ново поглавје на односи меѓу нашите држави од обичните граѓани до политичарите, преку комуникација на високо политичко ниво со цел да се надминат сите предизвици за да продолжиме по патот на европско сојузништво на нашите држави“, рече Османи.
Покрај mинистерот Османи, како дел од владината делегација на состанокот во Софија од македонска страна присуствуваа и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, министерот за економија Крешник Бектеши, како и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Денешното потпишување на протоколот следува откако вчера македонското Собрание изгласа заклучоци за францускиот предлог за надминување на спорот со Софија и за предлог-преговарачката рамка, а потоа Владата на седница одлучи да го прифати предлогот од Франција. Во вторник (19 јули) во Брисел, пак, се очекува да се одржи и првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ.