Интервју за Слободен Свет со Зоран Јованчев член на И.О на Родина
Зоран Јованчев,која е и што преставува идејата за политички субјект Родина?
Родина е народна иницијатива произлезена од Македонци кои се постојано активни во борбата за независна, суверена, просперитетна Македонија. Добар дел од членовите на иницијативниот одбор се запознаа на протести, дел без претходен ангажман, некои беа дел од обидите за креирање на вистинска алтернатива во многу коалиции, партии, ребредирани партии, каде времето покажа дека сето тоа е јалово, од причина што системот има свои скриени играчи во скоро секоја нова иницијатива. Дојдовме до заклучок дека треба да се крене организација со силен македонски имун систем, кој ќе одговори на сите болести на темната одродена држава. Ние сме од народот и му служиме единствено на нашиот народ со најдоброто од нас.
Кои се примарните цели на вашата програма?
Примарната цел е Редржавизација на Македонија, креирање на целосно нов систем кој ќе биде ставен во служба и сервис на народот, односно граѓанинот. Примена на меѓународното право по прашање на идентитет и самоименување на нашата татковина и поднесување на барање за именување во ООН под уставното име, враќање на асномскиот дух во сите законско-регулативни акти, социјална и правна држава отчетна пред својот народ, тенка ефикасна професионална државна администрација. На меѓународно поле, Не во НАТО и Не во ЕУ, ја прекинуваме 28 годишна голгота на тој пат, безалтернативност во која се изврши постепена демакедонизација, а кулминираше со проект на западните странски служби „Северна“.
Дали би го поништиле срамниот Преспански договор и како би го извеле тоа ?
Договорот е постигнат спротивно на Уставот на Р.Македонија, нема потпис на Претседателот на Р.Македонија, кој е единствено надлежен за таков договор, спроти него е и Референдумот од 30 септември 2018, но и меѓународното право. Патот кон негово рушење е народна власт и народен суд.
Како Родина ја позиционира Македонија во геостратешките сфери и како гледа на новите трендови на суверенистичките движења во Европа?
Родина е народна суверенистичка организација и ќе соработува со сите суверенистички партии и движења во Европа и светот, затоа што битката за враќање на државата во служба на народот е битка на секој еден народ. Живееме во постзападен свет. Кредибилитетот на западните земји и организации е урнат на нула кај народите на светот. Се урна од сите тие уривање на суверени земји со бомби, обоени револуции и регрутирање на политичкото и криминално подземје.
Родина јасно согледува дека живееме во уникатно време на големи геополитички промени, ги разбираме тие промени и затоа наша програмска цел е членство на Македонија во сите глобални и регионални ЕвроАзиски интеграции, ЕАЕС, ШОС, Пат на Свилата итн. Секако тоа не исклучува соработка со европските земји на билатерално ниво, но врз принципот на меѓусебно почитување и претварање на Балканот во регион на мир, развој и еднакви прави на народите.
Дали Родина е отворена за соработка и коалицирање со партии и движења кои имаат слична идеологија како вашата?
Родина е отворена за соработка со сите суверенистички партии на кои примарна цел им е македонскиот народ и Р.Македонија. Но ќе соработуваме самсо со партии кои во себе го содржат принципот на отчетност, постојан избор и проверка во самата организација, пред суверенот, односно народот. За жал во македонскиот политички простор гледаме многу партии со истрошено политичко водство. Новото време бара нови некомпромитирани родољубиви Македонци и ние ги охрабруваме сите партии и организации да излезат од султан калапите и калапите на западните институти и да влезат во промени во интерес на нашиот народ.
Изминатиов период во нашата држава имаме наплив на формирање на нови субјекти кои играат на картата на патриотизмот,дали сметате дека голем дел од нив не само што немаат што да им испорачаат на граѓаните,туку дека всушност дел од нив свесно работат на минирање на вистинските патриотски движења?
Познат е шаблонот за креирање на двојник за било која нова родољубива организација која не е дел од стариот систем на контрола.
Ние имаме критериуми кога велиме ново. Ново е отчетност, ново е програма и визија, ново е работа, ново е организација, а не само единка која врши себепромоција со бесконечни „селфија“ кои треба да оправдаат одредено трошење на туѓи пари.
На сите нови организации и партии ние им посакуваме успех, секој има право да се бори за својата замисла за иднината на нашата земја и народ, а ако сме потпрени на родољубивите принципи ние на тој пат ќе се најдеме и заедно ќе го изодиме.
Позитивен факт е што кај Родина може да се види конкретна програма за излез на Македонија од кризата која трае од нејзиното осамостојување.Пишувана е од експерти во своите области.Како дојде до креирање на ваквата авангардна програма?
Основните принципи на нашата програма се формирани одамна, уште од крајот на минатата година, и уште од тогаш стојат и на веб страницата на Родина и на ФБ на Родина, секој може да ги погледне. Тоа искуство кое го имаме во Родина од Македонци кои успеале надвор е непроценливо и не донесе до моментот да создадеме програма на која долго време е работено и која ја промовиравме во предвечерјето на нашиот голем национален празник Илинден 2 август и од тогаш до крајот на месецот преку текстови и видео презентации на нашaта јутуб, фејсбук и интернет страна тече презентацијата на Нацрт програмата „Вистински Македонски Пат“. И таа е во духот на директната демократија и да се чуе гласот на Македонецот ќе биде објавенa
за Јавна Консултација.
Дали Родина наскоро планира да го финализира процесот на нејзина правна регистрација?
За да една нова организација добие доверба од 1000 основачи, колку што е потребно за регистрација на нова политичка партија, прво мора да се легитимита која и што е, луѓето што ја иницирале таа идеја, како таа делува и како се однесува. Треба да се стекне и заслужи довербата и до таа доверба се стига со многу дела и работа. Нашиот фокус во овој момент е програмата Вистински Македонски Пат, која ќе биде изложена на јавна дискусија и доработка Ако таа програма, целокупната досегашна наша работа ја препознале 1000 Македонци, кои сакаат да бидат основачи и дел од оваа наша заедничка народна иницијатива, ние ќе влземе во процесот на регистрација на партијата.
Кој се може да се приклучи на вашето движење и на кој начин може да го направи тоа?
Секој чесен родољуб од татковината, соседството, иселеништвото може да се приклучи на нашата иницијатива за политичка партија Родина, преку пополнување на електронска пристапница која е објавена на нашата интернет страна https://www.rodina.org.mk/pristapnica/ или со пополнување на пристапница во нашата канлцеларија во Скопје, спроти Сити мол, секој вторник и четврток од 19 до 21 часот.
Верувам дека имате резервна стратегија за настап на следните избори затоа што е видливо дека концептот ,,Бојкотирам избори организирани од нелегитимна власт,, ,наголемо се напушта од довчерашните промотори на оваа идеја,па денес гледаме дека токму дел од нив се залагаат за нивно учество на избори организирани од нелегитимната власт.
Тешки и мачни се овие времиња во кои Македонецот согледува дека досегашниот општествен и политички систем е целосно отпаднат од неговата основна функција, да служи и да биде сервис на народот и да ги штити неговите интереси. Многу организации во овие времиња одат по линија на помал отпор па мислат дека системот може да се победи со учество во театарот на демократија, кој денеска е со искинати завеси, па се гледа целиот разврат позади сцената.
Оваков ригиден, криминоген систем, кој е целосно отпаднат од чест, морал и знаење, може да се победи само ако народот излезе и не учествува во него.
За нас решение за оваквата состојба се сенародни НЕПАРТИСКИ протести, само под знамето на Македонија, за демонтирање на Северна, техничка експертска влада, судски процес за државниот удар и стигање до вистината за целата оваа криза во Р.Македонија, па после одење на избори и вистински демократски натпревар со програмите на партиите и визиите за иднината на Македонија.
Народот е нашиот фокус, вистински суштински промени во нашето општество и вистински македонски пат кој ќе не извади од оваа реприза која ја гледаме со децении а во која актерите се едни исти кловнови на западните глобални рекетарски системи.